Земјава треба да се фокусира на одржливиот туризам, бидејќи има можности на туристите да им понуди различни искуства и персонални контакти, е пораката од четвртото издание на Берзата за дојдовен туризам во државава, во организација на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ), со поддршка од Туристичко-угостителската комора, Министерството за економија и Амбасадата на Швајцарија, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост.

Целта на дводневниот настан е да се подобри комуникацијата меѓу различните групи чинители во дојдовниот туризам, да се помогне во разбирање на нивните бизнис-потреби и да се овозможи полесно приспособување на туристичката понуда на државата во согласност со светските трендови. Присутните ќе имаат можност да се сретнат со претставници на дваесетина туроператори од Словенија и од Италија.

-РС Македонија е една од земјите која го смета туризмот како приоритетен економски сектор благодарение на природните ресурси и културно-историското наследство кои привлекуваат многу домашни и странски туристи. Владата веќе презема  низа активности со што земјава станува се повидлива на туристичката мапа како дестинација, рече министерот заекономија Крешник Бектеши на отоворањето на настаот.

Тој нагласи дека туристичката берза традицинално на едно место ги собира сите чинители во туризмот  и додаде дека придонесува за зголемување на свеста за важноста на дојдовниот туризам.

Бектеши посочи дека константно во земјава се зголемува бројот на странски туристи и ноќевања и сопред податоците на Народната банка во периодот јануари – август годинава има раст на девизниот прилив од туризмот од околу 16 проценти во однос на истиот период лани. Минатата година, како што рече, во туризмот се вложиле 2,1 отсто од вкупните инвестиции во земјава. Бројот на странските туристи во изминативе осум години е зголемен за 98 отсто, а вкупниот број на туристи за 3,4 отсто. Притоа, бројот на туристи од Бугарија е зголемен за 27 отсто, од Грција за 63, а од Турција за 150 отсто.

Претседателот на НАИТМ Влатко Сулев посочи дека верува оти туризмот може да ги задржи младите луѓе во нивната држава и да креира работни места и одржлив развој заради што, како што додаде, ќе побараат поголема вклученост на бизнисот во водењето на политиките во туризмот.

-Сметаме дека нашата држава има најголем потенцијал за развој на одржлив туризам. Тоа е нешто каде ние сме најсилни. Патувањата во стилот авион, трансфер до хотел отпаѓаат. Сите патувањето го прават индивидуално и немаат потреба од туроператори. Во иднина одлуките сите ќе ги носат врз база на тоа каде ќе доживее поголемо искуство и каде ќе земе нешто со себе и ќе го однесе дома. Тоа ќе биде главниот мотив, рече Сулев.

Идејата, нагласи, е на туристите да им понудиме средби со локални херои. Туристите сакаат да научат, додаде, како се резба, како се прави нешто од глина, да берат јаболка во Преспа.

-Од искуствата кои ги имаме по завршувањето на турите може да видиме дека туристите сакаат да имаат доживувања на патувањето. Тоа за нив е клучниот мотив за да патуваат. Затоа во таа насока треба да ги подготвуваме нашите пакети и да се развиваме, рече Сулев.

Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада порача дека преку нејзините патувања во земјава заклучила дека може многу да им понуди на туристите.

-Швајцарија од 19. век работи на привлекување а туристи и има големо исkуство што може да го сподели. Можеме да кажеме дека соработката меѓу инситициите е најважна за развој на туризмот, рече Техада и додаде дека и во наредните години ќе продолжи швајцарската поддршка за развој на туризмот во земјава.