Ракометарите на Вардар го освоија третото место на Супер-глоуб откако „црвено-црните“ во денешното мало финале славеа над домаќинот Ал Вехда со резултат 30:26.

Вардарци, како што објави Екипа, го оставија зад себе разочарувачкиот пораз од Кил во полуфиналето, па идентично како и пред две години, повторно се закитија со бронзени медали не успевајќи да ги обединат европската и светската клупска ракометна круна.

Сепак, добра утеха е фактот дека освоеното трето место на македонскиот првак му донесе и финансиска награда од 150.000 евра.

Мечот почна лошо за „вардарци“, кои набрзина се најдоа во негатива од 1:3, а потоа во 5. минута исклучувања заработија Шишкарев и Дисингер, за една минута подоцна на клупата „на ладење“ да биде испратен и Скубе. Ал Вехда во неколку наврати имаше по три гола предност, но Вардар успеа да се врати и преку Шишкарев во 17. минута да израмни на 10:10.

До првото водство на натпреварот Вардар дојде во 25. минута кога Горбок реализираше за 14:13, но домашниот тим го задржа ритамот до крајот на полувремето и на одмор се замина со израмнети 16:16, со голот што со звукот на сирената го постигна Чупиќ.

Ал Вехда постигна гол од контранапад за водство од 17-16, но потоа домашните ракометари цели девет минути не успеаја да го најдат патот до мрежата на Гедбане, кој влезе во серија извонредни одбрани. Вардар со серија од пет гола го сврте резултатот во своја полза, па иако Ал Вехда подоцна се консолидираше, „црвено-црните“ рутински ја одржаа предноста до самиот крај, не дозволувајќи освојувањето на бронзата да им биде доведено во прашање.

Чупиќ беше најефикасен во таборот на Вардар со седум погодоци, пред Кристопанс со шест и Атман со пет погодоци, додека Гедбане беше одличен на голот со 13 успешни интервенции.