Од послeдици на зарази со супербактерии отпорни на бројни познати антибиотици, секоја година животот го губат околу 33.000 жители на Европа, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Според нив, последиците од тие болести се споредливи со последици од смртни исходи од грип, туберколоза и ХИВ заедно.

Анализата покажала дека од 2007 година бројот на инфекции отпорни на супербактерии е зголемен, а евидентирани се и бројни случаи на бактерии отпорни дури и на најмоќните антибиотици од групата карбапенеми.

Станува збор за опасни и тешко излечиви инфекции со ентеробактерии, резистентни на антибиотици меѓу хоспитализирани пациенти.

Експерти проценуваат дека околу 70 отсто бактерии кои предизвикуваат инфекции веќе се резистентни на најмалку еден антибиотик што обично се користел за нивно лекување. Супербактериите брзо се шират поради претерано користење антибиотици особено на оддели за интензивна нега каде пациентите се најболни и најсилните лекови се препишуваат рутински.