Денеска е 1 септември (по стар стил) и се слават Маченички 40 деви испоснички и маченикот Амун ѓакон, нивниот учител.

Светите 40 деви кои беа просветлени во Христовата вера од ѓаконот Амун, пострадаа, заедно со својот учител, за Христа, во времето на римскиот император Ликиниј, во македонскиот град Адријанопол (Одрин).

Управникот Вавдо ги подложи на многу маки за да ги принуди да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите. После жестоко измачување тие сите беа пратени во Ираклија, кај друг мачител, пред кого што исто така цврсто ја исповедаа својата вера во Христа, и одбија да им принесат жртва на идолите.

По заповед на управникот светиот Амун и уште осум девици беа обезглавени, десет други беа запалени живи, шест умреа откако во уста им беше сипано растопено железо, шест беа заклани со нож, а останатите убиени со меч.

Нивните имиња се: Адаманти, Калирои, Хариклеја, Пенелопа, Клио, Талија, Маријанти, Евтерпи, Терпсихори, Уранија, Клеоника, Сапфо, Ерато, Полимнија, Додона, Атина, Троада, Клеопатра, Коралија, Калиста, Теоноја, Теано, Аспасија, Полиники, Диона, Теофанија, Еразмија, Ерминија, Афродита, Маргарита, Антигона, Пандора, Хајдо, Ламбро, Мосхо, Аривија, Теонимфи, Акриви, Мелпомени и Елпиника.