(Денеска е 10 октомври според стар стил и се слават Св. маченици Евлампиј и Евлампија)

Брат и сестра, од Никомидија. Во времето на едно страшно гонење на христијаните од царот Максимијан, некои верници од Никомидија се имаа засолнето и сокриено надвор од градот. Младиот Евлампиј го испратија в град да донесе леб.

Кога влезе во градот, ја виде царската наредба за прогонство и убивање на христијаните залепена на ѕидот, ја симна и ја искина. За ова веднаш беше изведен пред судија. Кога судијата почна да го советува да се одрече од Христа, тогаш и Евлампиј почна да го советува судијата тој да се одрече од лажните идоли и да Го признае Христос како единствен жив Бог.

По ова, судијата нареди и го биеја долго дури не го облеа крв, и го мачеа со долги, лути маки. Кога слушна за мачењето на својот брат, девицата Евлампија дотрча и самата, за заедно со брат ѝ да прими маки за Господ Исус Христос. И таа беше биена додека крв не ѝ излезе низ носoт и низ устата.

Потоа ги фрлија во врела смола, па во вжарена печка, но тие со силата на името Христово и со знакот на Крстот го направија огнот безопасен. Најпосле, на Евлампиј му ја отсекоа главата, а светата Евлампија издивна пред отсекувањето.

Тогаш беа погубени уште двесте христијани, коишто поверуваа во Христа гледајќи ги силата и чудата на свети Евлампиј и неговата сестра.

Сите се овенчаа со маченички венци и преминаа во Небесното Царство.