Летник е празник на новото лето. Големиот број обичаи и верувања поврзани со овој ден потекнуваат од претхристијанскиот период и имаат цел да обезбедат среќа и напредок за луѓето и стоката и магиска заштита од разни несреќи.

Именден празнуваат Евдокија, Дочка, Мартин, Марта…

На први март (според стариот календар) Светата православна црква го празнува споменот на светата преподобна маченица Евдокија, родена во феникискиот град Илиопол. Како девојка била многу убава и со неморал спечалила огромно богатство. Во тоа време по вера била Самарјанка. Подоцна го примила христијанството, го напуштила расипничкиот живот, имотот го поделила на сиромашни христијани и се закалуѓерила. Во манастирот минала 56 години. По наредба на тогашниот управник на градот Илиополе била исечена со меч во 126 година.

Со празникот посветен на нејзиниот спомен започнува месецот март, а според некои и новата година. Први март уште се вика и Летник, зашто според верувањето тогаш започнува летото. Во Галичник како што забележал П. Ѓиноски, првиот ден од првиот пролетен месец „го нарекле Летник, те. Пролетник. Тој не је црковни, токо природни празник. Природата која се зима спала и била огрдена оттога зафаќат кротце по кротце да се разбудуват и разубавуват“. На овој ден низ цела Македонија се изведуват богати обичаи кои врз магиски принцип треба да обезбедат заштита од разни штетници од змии, болви, од шумските ѕверови но и здравје на луѓето во претстојната работа сезона.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Тогаш се бере кукурек и се запотнуваат куќите, плевните, шталите, потоа посебно се запотнуваат креветите, ношвите, огништето, амбарите, леите, плугот и др. Се верува дека потката ќе ги чува овие објекти и предмети како и луѓето и добитокот од разни болести и други несреќи.

Меѓу позначајните обичаи поврзаи со овој ден е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец, и се носат околу вратот или на рацете или нозете. Најчесто го носат само децата, но во некои краишта ги носеле сите членови од семејството како магиска заштита од разни несреќи. Во Дебарца (Охридско) мартинките се правеле од бела и црна волна, но само од волна што била оскубана од овците. За таа цел волна се собирала по смреките, плотовите, јаслите и други места каде што минувале или престојувале овците. При сучењето на мартинката една жена пуштала од волната паралелно и од белата и од црната, но повеќе од белата, друга, пак, сучела мижејќи и одејќи назад. Кога мартинките ќе биле готови им ги шиеле со игла некому на појасот на други на ногата или околу раката. Притоа се велело: „Гад в гора (името) в поле“. Со тоа змиите, смоковите и другите гадови се праќале во гората подалеку од луѓето. Ги викале гадови, не им ги споменувале вистинските имиња, бидејќи според верувањето ако им го кажеле вистинското име тие веднаш ќе дојделе. На помалите деца мартинки со паричка им ставале околу вратот. Мартинките ги носеле сè додека виделе ластовица или штрк, тогаш ги фрлале велејќи: „На ти ластојце мартинка, да ми дајш кошула“. И верувале дека навистина ќе добијат кошула.

И во селото Бапчор, Костурско, мартинки правеле од бела и црна волна што ја кубеле од овците. Потоа откако девет дена ќе ги носеле околу гушата, на деветтиот ден ги обесувале на гранките од некое дрво на кое доаѓале ластовичките и на децата им носеле нови алишта за претстојниот празник Велигден. И овде вечерта кога се правеле мартинките се шиело при што некој прашувал „Што шиеш“, а тој што шиел одговарал: „Ете ги шијам устите на мечките, волците, змиите, устите на асмовите (душманите), на црвите за да не црвосува имањето, ќе ги завијам тука и ќе ги врзам.“ Потоа погледнувал кон планината велејќи: „Сиве оивие лоши работи што ги имам сошиено, во пусти гори да одат“. Иглата со којашто шиеле ја обесувале на местото каде што се обесувал котелот, и по двевет дена со една пара ја ставале на матката со којашто мателе, ставајќи уште и разни цутови (цвеќиња) што први цутеле.

И во селото Вʼмбел правеле мартинки кои момчињата и девојките ги ставале на реверите како папиони (пеперутки). Утрото најстариот член на семејството носел суви гранки, а таткото расцветана дренова прачќа. Палејќи ги сувите гранки во огништето дедото благословувал: „Ајде да се сторат многу јагнишча, и пилишча у нас.“ Потоа на тие што имале мартинки им се честитало: „Ајде голем да ни порастиш, мʼндро (мирно) да ни бидиш, да ги слушаш постарите, а догодина златна мартинка да носиш.“ Потоа најстариот во лажица ставал мед и над него цут од дрен и најнапред младите а потоа и постарите јаделе мед и дренов цут. Во истовреме со дренова прачка ги удирал по грбот со благослов: „Ај да ни бидеш цвертст и здрав како дрен, да се виткаш како дрено, ама никогаш да не се скршиш.“ По седум дена мајката ги собирала мартинките и ги фрлала на покривот од куќата со зборовите: „Сега ти ги даваме од предено, догодина да ни ги вратиш позлатени“.

Во Кукуш, како што е запишано во зборникот на браќата Миладиновци, мартинки правеле од бело и црвено: „Дента спроти Марта сучат црвено и бело предено со цело: и утрината го клавает на децата на грло, на рʼце и ноѕе за здравје. Тие се викает мартинки и со ним в Струга стретват ластовиците. Таја вечер преминуваат местата , кʼде спавале до тога за да не ги јадат болви. Тој ден малите деца прават ластовица от дрво шикосано и пејет по кʼштите: Ластовица идеше, црно море пливаше… Во сиот месец не јадат зелје останато од понапрежниот ден“.

И Е. Спространов забележал дека во Охрид мартинки правеле од бела и алена волна, а ги врзувале на рацете или ги шиеле на облеката и ги носеле цело лето за да не ги касаат змиите. Тоа повеќе го правеле селаните кои во текот на летото често биле низ полето. Оние, пак, што често се сопнувале при одењето мартинките ги врзувале на прстите од нозете. Мартинките се сучеле мижејќи „за да бидат како слепи змијте и да не и вижџет љуѓето, ко ќе минет покрај ними“.

Во Горноџумајско во пиринскиот дел на Македонија, „мартинчета“ правеле девојките и младите мајки, на самиот ден на празникот пред изгрејсонце. Мартинчета ги правеле од бел и црвен конец и ги врзувале околу вратот на момите, но и на рацете на малите деца. Притоа велеле: „Да сме бели и червени като тези мартинчета“. Ги носеле во текот на месецот март, а на први април ги ваделе од себе и ги ставале под камен. Тука останувале три дена, а потоа го кревале каменот и гледале ако има некое животно претскажувало нешто добро. Особено ако имало т.н. „божи кравици“ претстажувало голема среќа за сопственикот на „мартинчета“ и плодност на кравите, овците и другиот добиток. Ако под каменот немало ништо се сметало дека нема долго да живее.

Во Радовиш мартинки се правеле, исто така, рано наутро пред изгревот на Сонцето на самиот празник. Се правеле од бело и црвено предено (памучно) и додека децата спиеле им се врзувале на рацете, а на девојчињата и околу гушата со пара. Во овој крај се знаело дека мартинките на левата рака биле за ластовиците, а на десната за штрковите. Кога ќе ги виделе првите ластовици и штркови децата ги поздравувале со песнички, а мартинките ги оставале под камен со верување дека за тоа ќе добијат кошула.

Во Галичник на „првиот дењ мартов“ како што го запишал П. Ѓиновски правеле млњаци за сите машки членови во семејството и ги носеле околу вратот до Ѓурѓовден. Млњаците биле низалчиња „од неколку старицела (т.е. сребрени пари) и жлтици, нанижани на конец, еден конец копринен и шарен, т.е. еднијот конец је бел и ленен, а другијот от црвена коприна усукани заједно и таке је сторен конецот шарен-бело и црвено.“ Овие низи се викале млњаци зашто имале цел заштита од молња (рофја, секавица, светкавица). На пролет кога за прв пат се правело храна од новите коприви најпрвин сркнувале со млњакот наместо со лажица при што велеле: „На суви дрва и камења (нека одит) треска и огница, а на мене (нека доет) здравје и весеље“. На Ѓурѓовден на децата „им ги соневајет“ (изваѓајет) млњаците од врат, парите ги ставале во ковчег, а конците ги клавале во градината на трендафил за да бидат бели и црвени како трендафилот.

Во Гевгелиско мартинките од црвен и бел конец ги носеле околу вратот но и околу прстите од рацете и нозете како прстења сè додека не се искинеле. Тогаш пак ги ставеле под бел камен за да бидат бели и црвени. Во овој крај верувале дека мартинките ќе ги заштитат од Сонцето да не ги изгори.

Во Голо Брдо празникот Летник го празнувале и христијаните и муслиманите. За одбрана од гробник или вопер (вампир) сучеле црвен и црн конец притоа држејќи ги рацете одназад. Потоа го зашивале овој конец на клашеникот одзади, а го симнувале на Ѓурѓовден и го обесувале на трендафил.

На празникот Летник, како ден кога започнува летото, се изведуваат интересни обичаи поврзани со змиите, болвите, дивите ѕверови и сл. Во Струга за да не ги јадат болви луѓето ги менувале местата каде што спиеле. Во селата како и во градот Охрид, како што сведочи К. Шапкарев „грмеле“ од пушки за отстранување на болвите во текот на претстојното лето, а според записот на Е. Спространов тој обичај бил забранет од властите. Во Дебарца забележавме дека, за заштита од ваквите штетници, спроти празникот од шумата носеле дабова гранка (шумка) со којашто ноќта спиеле држејќи ја под пазувата. Утрото одејќи на вода, на чешма, или на кледенец ја фрлале во водата велејќи: „Шумка шумна, гад побегна“. Овие штетници народот ги викал гадови зашто не смеел да ги именува со нивните вистински имиња. Од тие причини и болвите биле наречувани црнки. На враќање носеле вода со која штркале низ куќата, растурале песок, а ако имало и снег за да им биде студено на црнките (болвите) и да бегаат од куќата.

За заштита од болвите во Скопската Котлина но и во други места ги палеле буништата но да не горат со пламен туку само да чадат. Некаде тоа го правеле за бркање на змиите, а некаде палеле суви лепешки за заштита од духовите. Интересен обичај во оваа смисла забележал К. Шапкарев. „На први март земаат една цевка бозова, продупчена како азлак од пушка, ја наполнуваат со барут и ставаат внатре и три болви наместо сачми, како и трошки од лебот што го јале преку денот и пукаат со таа цевка, кога ќе ја запалат со запален јаглен. Тоа го прават за бркање на болвите од куќата.“

Особено се интересни обичаите и верувањата поврзани со заштитата од змиите. Освен тоа што мартинките се зашиваат за да им се зашијат устите на змиите, а тие се прават мижејќи за да не ги гледаат змиите, во врска со овие штетници и со овој празник се поврзани и други обичаи и верувања. Во Радовиш на овој ден не се работело „за од змии“. Рано утрото домаќинката со кацјата и пирустијата вртела три пати околу куќата зборувајќи: „Бегајте змии, гуштери, баба Марта дојде“. Во Охрид за да им се сошиени устите на змиите секој си го пришивал со црн конец долниот крај од својата облека.

Во врска со змиите и овој празник поврзани се и некои народни лекувања. Така на пр. Е. Спространов запишал дека: Змиите излегвет на Летник и је многу арно да фатиш тога некоја и да провриш низ очите нејзини конец какоф да е. Тој конец је ногу арно да го врзиш за гушата на љуге што падинет. ‒ За таа цел оделе во с. Свињишта или во Белчишта (раскажувачката не можела точно да ми каже) каде што имало дувло од змии и кога излегувале за прв пат ги ловеле на дупката. Низ очите им пронижувале конец со игла и после ги пуштале.

Ваков начин на лекување во Долновардарско забележал и С. Верковиќ: „На првијут ден на Марта бркат, отепуват љутица (змиа). Главата и а зимуват: сус неа покадуват човек, што паге ут вонка, и му зашиват уф капата да носе, за да оздравее.

Кога е за бубучино семе, уште ка ке е утепат ʼи разенуват устата, да така да се исуше, да гу пуминуват три пʼти низ неа, за да не и презимат бубите“.
Со Летник е поврзано и верувањето за разбивањето на луѓето од страна на птиците. Во Охрид, на Летник но и потоа, во текот на пролетта, луѓето се плашеле да не ги разбие пупунец. Разбивање го викале ако го слушнат гладни (на гладно срце) пеењето (пупањето) на ова птица. Тогаш верувале дека ќе се разболат или ќе ги следат други несреќи во текот на годината. Верувале дека ќе им смрди устата ако ги разбие пупунецот. Затоа на овој ден и подоцна веднаш по станувањето од постела каснувале барем еден залак леб. Но кога ќе ја чуеле птицата верувале дека тие ја разбиле и потоа не се чувале. Исто така, се плашеле и од кукајцата. „И кукајца да те разбијат не е арно ‒ ја ќе умрит некој, ја на зијан је ‒ секој ден ќе чиниш зијан по една аспра“.

Интересен обичај што се изведува на овој ден е носењето гранки или луштенки во куќата и ставањето во оганот. Така на пр. во Охрид секој што тој ден ќе влезел во куќата бил должен да набере и да донесе по неколку дрвца, гранки и сл. и веднаш по влегувањето да ги стави во огнот, за да се зафаќале пилиња. Инаку не бил приман во куќата. Во друг запис, исто така од Охрид, се вели дека рано утрото на овој ден сите домашни излегувале во дворот и се враќале со „пилишта“ односно со гранки, трески, љуштенки и сл. и ги ставале во огнот, за како што тој се силел да се силеле и пилињата, да се ваделе сите јајца под квачката. Затоа викале: „Пуљу, пуљу, пуљу“. Овој обичај се изведувал и во Дебарца, а и во Голо Брдо децата собирале гранки и луштенки и ги ставале во огнот велејќи: „Колку шумуљчиња (листови) толку дечиња“. Како прв пролетен или летен ден според народното верување, со Летник се поврзани и други обичаи и верувања што имаат цел да иницираат среќа, здравје и бериќет во текот на целата година. Повеќе од овие обичаи и верувања можат да се сретнат и во врска со други празници како што се: Игнат, Бадник, Нова Година (Василица) и др. што значи дека тие се остаток од минатото, од различни периоди кога започнувањето на новата година било поврзано со различни датуми.

Во Дебарца сè што се зело на заем се враќало на Летник зашто се верувало дека ако останел долг на овој ден ќе се должело цела година, потоа мажите излегувале порано да видат некој силен маж за да бидат здрави преку годината. Во Голо Брдо по станувањето наутро гледале да видат птица за да бидат лесни во работата, а во џебот држеле некаква сребрена пара за преку целата година да имаат пари во џебовите. Исто така, на овој ден во куќата се внесувала дренова гранка, а потоа секој се фаќал за синџирот од огништето, и голтал една пупка од дреновата гранка за да биде здрав преку годината
Слични обичаи се забележани и во селото Битуше, Дебарско. И овде се верувало дека тоа што ќе се направи на овој ден, така ќе биде во текот на целата година. Овде спроти Летник во секој дом се подготвувало сито во кое се клавале бела погача, три дренови гранчиња и златна паричка. Спроти празникот ги подготвувале овие моњаци, односно сребрена пара врзана за врвка од бел и црвен конец што се носел околу вратот како гердан или околу раката како белезгија. Сабајлето на Летник пред изгрејсонце секој член од фамилијата по станувањето од спиење, откако ќе се измиел, одел кај ситото, ги фаќал дреновите гранчиња, потоа погачата, ситото и златната паричка по што гласно велел:

Дрен, дрен, цути дрен,
да су јак(а) како дрен,
да си цел(а) како леб,
да су сит(а) како сито,
да су златен (тна) како злато!

Потоа гледале да видат птица за целата година да летаат како птицата. Откако ќе виделе пиле, на вратот им го ставел моњакот односно мартинката да ги чува од зли сили. Во поладневните часови оделе „на нишање“ најчесто во местото В Добје каде што префрлале јажиња на големите дабови и се нишале пеејќи песни за тие што биле на нишалката како и за нивните симпатии.

Во Охрид, во првите денови на март ,секој што ќе чуел крекање на жаба три пати велел: „Бела става во куќа, црна става во полето“. Со тоа се бркале болвите, а по селата секој што ќе чуел крекање на жаба три пати се истркалувал по земјата за да не го боли половината во текот на годината. И кога испраќале свои луѓе на туѓина береле во планините кукурек и им го ставале од капата. Носејќи го тоа растение, луѓето велеле: „Кукурек ти на капа, сонот ти во очите, тебе дења, мене ноќа“. Во Галичник, на овој ден, жените правеле добар ручек (пресна погача, печиво и други готвенији) за преку цело лето да имаат што да готват.
И во Крушево момчињата и девојките рано наутро излегувале надвор за да видат птица и за да бидат лесни во работата. Притоа во рацете држеле леб (за плодност) и златни или сребрени пари (за богатство). Се верувало дека не е добро да видат мачка куче или човек.

Со Летник се поврзани и некои обичаи и верувања што се однесуваат на растенијата. Освен споменатото запотнување на овој ден има верувања поврзани со јадењето зелје. Имено во зборникот на Миладиновци е запишано дека „во сиот месец не јадат зелје останато од понапрежниот ден“, а и С. Тановиќ забележал во Гевгелиско дека „момчињата и девојките ќе бидат бели и црвени само ако за време на траењето на месец март не јадат сношно зеље.

Во Струга, на Летник, секоја фамилија кршела глинени садови, како што се: стомни, грниња, ќупови и др. Притоа домаќинот кршел најголем сад, а тоа се правело со цел да се купат нови за годината што претстои. Утрото се одело на изворите на Радолишка Река, каде што се полнела вода. На враќање се кршеле гранчиња од дрен за да бидат здрави како дренот, а со донесената вода се попрскувале домашните по главата, вратот, рацете и нозете за здравје. Децата оделе кај роднини и пријатели каде што го честитале празникот, а истото го правеле и зетовците. Притоа велеле: „Шуќур што ја поминавме зимата и дочекавме пролет.“ При влегувањето во куќата носеле гранчиња што ги викале пилиња и велејќи: „Пили, пили “ ги ставале во огнот. Ги почестувале со варена пченка и шеќерчиња, за да не се гладни пилињата. И овде се правеле мартинки што на децата им ги врзувале на рацете или нозете, а мартинки со сребрена пара им ставале околу вратот или на градите. Летник бил ден за лажење.

Во Гостиварско, утрото, уште пред изгревање на сонцето, застанувале на пенџерето и чекале да видат птица што лета верувајќи дека целата година ќе бидат лесни, полетни и работливи. Се внимавало и каква личност ќе се види најпрво. Ако тоа бил убав и работен маж или убава и работна жена во текот на годината ќе ги следеле само убави нешта. И обратно, ако виделе мрзелива или парталава линчност ќе ги следеле непријатни случки. Во селото Зубовце младите девојчиња за прв пат замесувале тесто. Меселе благо колаче за да им биде блага целата година. Невестите и девојките шетале низ полето и носеле бели и црвени врвки, кои ги закопувале во земјата со верување дека како што се закопани врвките така ќе се закопани и злите сили и нечистите магии. Попладнето оделе на нишање во месностите: Стражник, во Задкрст и во Рупа каде што ставале нишалки на големите ореови стебла и се нишале пеејќи пригодни песни во кои се споменуваале имињата на девоките и момчињата што покажувале меѓусебни симпатии. Најчесто се пеела следнава песна:

Нишалој се малој моме,
Малој моме, лична Цвета,
Нишалој се на нишалка,
Малој моме од Зубовце,
Каде да го одметнеме,
Малој моме од Зубовце,
Одметнеме рамни двори
Кај павлета за Златета.

Притоа се менувале само имињата на тие што биле на нишалката, а тоа создавало ведра и пријатна атмосфера.
Очигледно започнувањето на месецот март кој во народното сфаќање се смета за пресвртница од зима кон лето било проследено со многу обичаи и верувања, кои врз магиски принцип треба да обезбедат здравје, среќа и богатство во текот на претстојната година. (Подготви Марко Китевски)