НЕВИДЛИВАТА БОРБА НА ХРИСТИЈАНИНОТ

– Свети Тихон Задонски

…Христијанското оружје е Словото Божјо и молитвата. Со ова оружје Христијаните се заштитуваат себеси од демоните, правејќи им ги стрелите неефикасни.
…Војниците се здружуваат заедно за борба со непријателот: така и Христијаните треба еднодушно да се подвизуваат против својот непријател – ѓаволот. Во војна војниците си помагаат едни на други, па така и христијаните треба да си помагаат едни на други, или со совет, или со утеха, или со молитва.
…Непријателот кога ќе ослабне, на помош ги повикува другите сојузници; така и нашиот непријател ѓаволот, кога сам не може да го совлада Христијанинот, кон себе ги привлекува на помош злобните луѓе и преку нив води војна со Христијанинот.
Затоа секој човек, кој го мами својот ближен, кој го гони, огорчува или го наговара на грев, со вооружува заедно со ѓаволот против него. Во војната постојат заповедници и генерали, кои ги учат војниците и ги охрабруваат против непријателите, па така и во Христијанската војна постојат пастири и учители, кои со Словото Божјо ги вооружуваат Христијаните против нивните невидливи непријатели и ги учат како да застанат против нив и да се подвизуваат.
Како и во обичната војна, ѓаволот, пред се’, се грижи да ги погуби војсководците, т.е. пастирите на Црквата, за полесно да ги покори другите Христијани. Без добар и разумен пастир, луѓето се како залутани овци. Затоа непријателот на човековиот род подига злобни луѓе кон добриот пастир, за луѓето да го клеветат и да не ги примаат неговите поуки. Поради тоа пастирите и учителите трпат многу обвинувања, клевети, гонења, па дури и прогонства, за што сведочат сите минати векови.
Затоа Христијанину, внимавај да не осудиш некого, а особено – пастирот, па така клеветејќи го, да не се најдеш заедно со сатаната. Запази ги Христијанину, злобата, непријателството и лутината на твојот невидлив непријател и чувај се од него, тој сака да ти ја одземе вечната и нетрулежна ризница – твоето спасение. Чувај ја таа ризница повеќе од својот привремен живот.
…Ако паднеш, не лежи, туку стани, како Христов војник. И во обичната војна, ранетите војници паѓаат, но стануваат и продолжуваат да се борат. И ти постапувај така, стани, охрабри се, и повикувајќи Го Господа Исуса Христа на помош, подвизувај се против противниците.

(Извадоци од новиот број на „Троичник“)