Нема смисла да се разговара за мир во Украина без Русија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ја средбата во рамки на 54-от годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос каде, меѓу другото, ќе се разговара и за „формулата за мир“ предложена од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Разговори само колку да се разговара, не се насочени кон изнаоѓање вистинско решение за проблемот. А бидејќи Русија не учествуваше, тогаш не може да има конкретен резултат, објасни портпаролот на Кремљ.
Ситуацијата е крајно апсурдна, нагласи Песков и потсети дека самиот Киев ги забрани преговорите со Москва на законодавно ниво.
– Владимир Путин секогаш велеше дека гаранциите за мир треба да се постигнат по мирен пат. Сепак, Западот не сакаше ништо од тоа. Затоа Русија води специјална воена операција и ќе ги постигне своите цели, истакна тој.
Според Песков, постои можност рускиот претседател Владимир Путин наскоро да ја посети Северна Кореја.
Путин доби покана да го посети Пјонгјанг, потсети портпаролот на Кремљ, наведувајќи дека датумот ќе биде договорен по дипломатски канали. „Повеќе детали за посетата на Путин ќе бидат достапни по утрешната средба меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговата севернокорејска колешка Цој Сон Хи, нагласи тој.
Коментирајќи ја утрешната официјална посета на севернокорејската министерка за надворешни работи на Русија, Песков изјави дека Северна Кореја е партнер со кој Русија развива односи во сите области.