Сведокот Миле Алексовски на судењето за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски денеска во судница ги препозна Бесир Беља и Скендер Демири, кои според обвинителниот акт заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.

– До мене беше покојниот Никола и девојката, дојдоа тројца дечки мислев дека се знаат, му побараа лична карта и почнаа да го удираат. Викав остајте го детето ќе викнам полиција. Тоа траеше околу минута, минута и пол. Детето падна од удирањето и удри на главата. Двајца дечки побегнаа накај колата „мерцедес“, а едниот го удри со нога на вратот. Ја запалија колата и отидоа, истакна сведокот Миле Алексовски на рочиштето за убиството на Никола Саздовски.

Посочи дека се обиделе да го освестат детето, го вртеле на страна, но испуштил крв од уста. Повикале брза помош, но задоцнила, а кога дошла полиција дал изјава, посочи сведокот.

Претходно обвинителот побара исклучување на јавноста поради вознемиреност на сведокот, но судечкиот совет го одби барањето.

Јавниот обвинител Ангел Фидовски, во воведен говор, кажа дека ќе докаже оти двајцата обвинети Бесир Беља и Скендер Демири заедно со третообвинетиот, кој е во бегство, со умисла го лишиле од живот Никола Саздовски на начин што на 29 јуни годинава на автобуската кај „Алкалоид“ го претепале нанесувајќи му смртни повреди.

Во воведен говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта која настапила е поради ударот во метална кутија на ЕВН што се наоѓа на автобуската постојка.

Адвокатите посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.