Последната приказна од македонската трагедија започнува со Граѓанската војна во Грција по Втората светска војна. Тоа е почеток на последниот чин од етничкото чистење на делот од Македонија освоен од Грција четири и пол децении пред тоа, кога за да им ја спасат голата кожа на своите деца, илјадници мајки ги испраќаат далеку од нивните домови. Во повеќе продолженија, ќе ги објавиме од нас запишаните сведоштва на десетина Македонци родени во Егејска Македонија, бегалци од Граѓанската војна во Грција, чии сеќавања и судбина можат да ни објаснат многу повеќе за сегашната грчка упорност во борбата да ни го смени името на државата и идентитетот

Паскал Камбуровски е првото дете на Ламбро и Христина од Кондороби, Костурско. Роден е во 1937 година. Една година по него, роден е Циле, а дури 13 години подоцна, во Ташкент, е роден најмалиот Јани. Ламбро децата не го знаеле поинаку освен како партизан. Војувал најнапред на албанскиот фронт, потоа како учесник во Елас низ цела Грција, за најнакрај да биде партизан и во Граѓанската војна. Децата растеле со мајката Христина, бабата Софа и дедото Манол.

По војната, кога Паскал веќе тргнувал на училиште, во 1945 година заживеале идеите за учење на мајчин јазик, за демократизација на Грција и, за Македонците почнале да дуваат попријатни ветрови. Но, радоста траела само неколку месеци. Наредната 1946 година, ветувањата и залагањата на КПГ биле потиснати од тортурата на монархофашистите. Понапредните луѓе власта ги испраќала во прогон по островските затвори. За многу кус период, дури 78 возрасни жители биле испратени во злогласните затвори. Следната година, според сеќавањата на Паскал од разговорите на возрасните, почнала присилна мобилизација за пополнуваwе на редовите на ДАГ. Со мотото „или сте со нас или против нас“, две третини од возрасните мажи, меѓу кои и Ламбро Камбуровски морале пак да заминат во партизани. Есента 1947 година веќе се наговестувало нешто страшно.  Симпатизерите на монархијата, со цели семејства биле исселени од Кондораби и сместени во Костур каде власта се грижела за нивната сигурност и егзистенција. Паскал останал без другарчињата, а истото се случувало и во сите костурски села.

Подоцна Паскал сфатил дека згрижувањето на тие симпатизери било за да може власта крваво да се справи со задоените македонски патриоти. Тогаш, од претходно мобилизираните, на Грамос загинал чичко му Јано на 20 годишна возраст, а набргу по него и тетка му Евгенија која имала само 18 години. Смртта на тетка му, посебно го потресла 10-годишното дете. Евгенија загинала во младинска акција за спасување на 5.000 младинци кои побегнале од Атина за да се приклучат на ДАГ. Тие биле следени уште кога тргнале од Атина, за кога ќе се спуштат од Грамос, грчката војска да изврши масакр врз нив. Тогаш Евгенија се здобила со прострелна рана на устата. Откако војската заминала, по нејзе дошле вооружените банди како „чистачи“ и ја заклале ранетата девојка.

ЗА ЕДНА НОЌ 30 КМ

– Постојано некој гинеше и жените непрекинато „редеа“ за некого. Од нашето село се гледа тумбата над Костур. На неа војската имаше топови и ние гледавме како ги гранатираат езерските села. На 28 март 1948 година дојдоа партизани во селото. Вечерта одбрале три мајки како водачи на три групи со вкупно 47 деца кои ќе ги однесат во некоја од соседните земји. Мајка ми цела ноќ мислела кое дете да го даде, а кое да го задржи со себе. На крај, смислила дека јас треба да бидам меѓу тие што ќе заминат. Утрото на 29 март, дедо ми Манол ме скорна рано и ме однесе на лозјето да ги режеме лозите. Се зачудив бидејќи тој ден традиционално редевме мартинки по грмушките. Во лозјето дедо ми ми кажуваше дека во соседството има слободни земји во кои е убаво да се живее. Подоцна сфатив дека ме отргнал од селото за да не ги слушам лелеците и некако да ме подготви за разделба. Во лозјето одев зад дедо и ги собирав исечените ластари. Наеднаш од распуканата земја ми излезе изртено стебленце и отвори две ливчиња. Го повикав дедо ми и тој ми рече внимателно да го извадам ртулецот и да го засадам во аголот од лозјето. Тој ден е заклана тета Евгенија. Кога по повеќе од пет децении успеав да го посетам селото, ја најдов огромната црница. Луѓето што останаа таму да живеат ми кажуваз разни незгоди за некои што се обиделе да го исечат дрвото. Вечерта баба Софа на живот „ме редеше“, како никогаш повеќе да не ќе може да ме види. Уште не сфатив што се случува, но кучето ме дотолче. Канели се викаше и немаше сила што ќе го задржи ако тргнев некаде, за и тоа да не дојде со мене. Беше врзано и затворено во плевната и тажно цимолеше. Кога тргнавме во колоната, како едно од поголемите деца, бев на нејзиното чело. Најмалото детенце имаше само осум месеци. Се викаше Спиринка, по татко и Спиро кој загина пред таа да се роди. По неа беше двегодишниот Павле, дете на мајката Љумба. Второто двегодишно дете беше на мајката на нашата група, Гена, која беше бремена и подоцна се породи во Романија. Третата мајка беше Каљопа. Сите беа жени на партизани – се сеќава Паскал.

Ноќта колоната минала преку селата Тиолишта, Вишни и Поздивиште. Таму се одмориле. Дента продолжиле кон Руља, а потоа во Оштима, каде се собрале повеќе од 1.000 деца од селата северно од Костур. Третиот ден се разделиле од родителите кои ги следеле. Наредната ноќ била најтешка. По беспаќето до Преспа и границата со денешна Република Македонија, за само една ноќ децата минале 30 километри. И денес на Паскал не му е јасно како тоа било можно.

КРАВАЈЧЕТО НА 16 ПАРЧИЊА

– В зори партизаните кои не водеа не подучија како да се искачиме на билото и доколку војската на Македонија не ни дозволи да влеземе преку границата, да се пробиеме со плач и притисок. Стасавме на висорамнината. Никој не не сопре да влеземе во Република Македонија. Ехото на дедовите зборови дека „има подобри земји за живеење“ ми зуеше во ушите. Бидејќи бевме први, измрзнавме додека сите деца се искачат. Војниците не однесоа во Долно Дупени. Таму во казани вриеше гравче, но се покажа дека селото нема толку чинии и лажици колку што бевме ние. Со макање, по тројца јадевме до една чинија – раскажува Паскал.

Таму дечињата од северниот дел на Костурско останале два дена, до сабота. Се одмориле и нахраниле добро, за во сабота со камиони да ги префрлат во Битола во некое училиште. Во училиштето за прв виделе електрично осветлување одблизу. Си играле „пали-гаси“. Потоа ги однеле во некој парк крај железничката станица. Им дале леб, мармалад и чај, да јадат колку што можат, некои додека не ги заболе стомакот. Попладне децата ги натовариле на воз. Тоа е првата група што патувала со патнички, а не со товарен воз. По ден и пол стасале во Белград и по толку време пак добиле храна – сендвичи и чај. На полноќ композицијата пристигнала во Будимпешта, град со многу светла. Таму возот бил преполовен. Децата ги однеле во повеќе насоки. Групата на Паскал била однесена во Калиманешта, во касарна крај царското одморалиште. Во касарната нашле веќе претходно сместени илјада деца од Преспа.

По капењето и запрашувањето, им ја зеле облеката. Наместо неа, им дале некои пижами-униформи и децата ги обележале со бројки. Паскал го добил бројот 1120 и тој број му бил и име и презиме, како во логор. Ги хранеле невидено лошо. Кравајче, како денешна лепиња, го делеле на 16 парчиња. Со парченцето лепче им давале лажичка мармалад и тоа бил појадокот. За ручек им следувало исто толку леб и посна, празна манџа. Вечерта била истоветна како и појадокот. Овошје или нешто благо можеле само да сонуваат.

Во октомври, илјада деца заминале за Полска, пристојно облечени по тој повод. Во ноември пристигнал абер и останатите 700 деца да бидат упатени во Полска, секако без логорашка униформа.

Со воз се вратиле во Будимпешта, од каде биле однесени во летувалиштето Лондек, Здрој во југозападна Полска.

(Продолжува)

(Овие сведоштва се запишани пред неколку години од еден од најдобрите македонски новинари, за жал, сега покојниот Спас Марковски)