Последната приказна од македонската трагедија започнува со Граѓанската војна во Грција по Втората светска војна. Тоа е почеток на последниот чин од етничкото чистење на делот од Македонија освоен од Грција четири и пол децении пред тоа, кога за да им ја спасат голата кожа на своите деца, иљадници мајки ги испраќаат далеку од нивните домови. Во повеќе продолженија, ќе ги објавиме од нас запишаните сведоштва на десетина Македонци родени во Егејска Македонија, бегалци од Граѓанската војна во Грција, чии сеќавања и судбина можат да ни објаснат многу повеќе за сегашната грчка упорност во борбата да ни го смени името на државата и идентитетот

 

Тој ден, на 17 јули 1955 година, на Коле Манев ќе му се случат два незаборавни мига. Првиот е што по толку години, во Букурешт ќе ги види братот и сестрата со кои замина на ова патешествие и, најстариот брат кој дошол по нив, за да ги однесе во Македонија. Вториот настан е самиот воз. За прв пат во животот ќе се качи во вистинска, патничка композиција. Тие среќни мигови ќе ги сфати како крај на преживеаната голгота и почеток на поспокоен живот, дотолку повеќе што брат им ќе им каже дека во Скопје ги чека мајка им, со двете сестри. Оттука, со огромна позитивна енергија ќе гледа на непријатните случки и, поради годините што ги има, ќе ги прифати како минлива, солена шега.

– Од Букурешт, првата станица на која не симнаа од возот беше Кикинда. Бидејќи Југославија во тој период се уште беше третирана како непријател на источниот блок, кон луѓето, па макар тоа биле и деца, власта настапуваше со доза на внимателност. Целата група не однесоа во полиција. Ние помалите не бевме предмет на интересирање на инспекторите. Поголемите ги повикуваа одделно и ги распрашувале каде престојувале, што учеле и што им било говорено за Југославија. Инспекторите воопшто не беа груби кон нас. Ни даваа богата храна и по два-три дена, не качија на воз за Скопје. Во Скопје, наместо на Железничката станица, не истоварија во Маџари. Од таму не однесоа во затворот Идризово. И таму се повтори постапката од Кикинда. Нам затворот ни се пристори како интересно место. Бевме сместени во бараки, а веднаш до нив беа бавчите што ги обработуваа затворениците. Убаво, си велевме и, неколку дена навистина ни беше убаво. Вечерта си излегувавме низ прозорците и правевме р’шум низ бавчите. Уката ја испековме во Романија. Дојде и мајка ми во посета. Додуша, само од далеку не виде, но важно е дека се видовме. Кога не пуштија, се видовме со баба ми, мајка ми, двете сестри од кои едната веќе беше мажена и со други роднини. Нашиот дом беше во една голема штала, адаптирана во мали станови за бегалски семејства. Шталата, како огромен заеднички стан се наоѓаше во близина на млинот „Куманово“, на влезот во Скопје. Во Автокоманда го довршив основното образование и се запишав во уметничкто училиште. Е, колку убава била слободата – раскажува Манев.

Човек што не ги преживеал годините на прогонот, не е во состојба да ја сфати длабината на оваа негова воздишка. Коле се чувствувал како прероден, зашто низ Скопје шетал каде што сака и кога ќе посака, без никој да го следи, без никому да полага есап зошто бил на кејот, зошто шетал на плоштадот или зошто трчал крај ѕидиштата на Калето. Па, дури, му било чудно што никој не го повикал на одговорност и не го казнил. Едноставно, бил исполнет со чувства на убавина и среќа. Затоа, Скопје ќе му влезе во душата и, какво и да е, ќе му стане голема, неминлива љубов. По завршувањето уметничоо, ќе замине на белградската Академија. Кога ќе го разреши и тој предизвик, ќе се врати во Скопје и ќе се вработи во Македонската телевизија. Во документарната програма ќе работи две ипол гподини,а потоа ќе замине во Париза да го доучи сликарството.

– Париз е сон на секој уметник. Едно е школската и академската теорија, асосема друго е Париз. Во тој период, западна Европа беше во голема економска експанзија. Булеварите во Париз и уличките, буквално беа исполнети со продавнички за сликарски материјал, но и со многу атељеа и продажни салони, иако тоа истото го имаше и  аотворено. Сликарските дела се продаваа недосушени. Имаше и од кого да се види и што да се научи – се сеќава Манев.

По 7-8 години, поради бременоста на сопругата Христина,ќе се врати во Скопје, пак во Македонската телевизија и посериозно ќе се зафати со документарниот филм. Тогаш ќе се роди и синот Игор, а неколку години подоцна и ќерката Стојанка. Работејќи на документерен филм, на егејска тема, според кажувањата на стрико си Ристо Манов, ќе го сними „Балкански извори“. На фестивалот во Блед, за овој филм ќе ја добие првата награда што подразбирало и патување во некоја европска метропола. Поради тоа што шура му живеел во Прага, го одбрал тој град. Домаќин на престојот му била националната проекција на огромниот материјал, а за прв пат ќе види не само материјали за децата и домовите низ Чехословачка, туку и многу ленти за разделбите во Егејска Македонија и нивните патешествија низ источно европските земји. Го интересира дали дел од тие материјали мжоат да се откупат од Вардар филм и на Анте Поповски му го раскажал настанот. Напишале писмо до Националната телевијза во Чехословачка и за само иљада долари добил неброен филмски материјал. Тогаш кај Манев ќе се роди идејат да го сними документарцето Тулгеш со кој ќе го ја освои гран-при наградата на фестивалот во Белград. Потоа следува „Даеш“ на Столе Попов, па авторскиот документарец „Црно во црно“. Од 1985 година конечно повеќе ќе му се посвети на сликарството. Често ќе патува во Париз каде ќе ја организира и првата самостојна изложба.Ќе следат повеќе од десет такви изложби во странство и еднаков број во Македонија. Ќе се закити со многу награди.

Најдрага му е таа од 2006 година кога Република Франција и Министерството за култура ќе го прогласи за почесен витез од областа на културата и творештвото. Во меѓувреме, ќе го сними и својот прв игран филм „Мост“.

– Од 1948 година до 2001 година и покрај големата желба и многуте барања, никогаш не добив виза за да може да го посетам родното село Бапчор. Моите пријатели од Грција, сликари и вајари, не веруваат дека тоа ми се случило. Мојот пријатyел Василиј Папз поет од Воден, ме посети во 2001 година. Ги гледаше моите слики и филмови. Ми предложи да ми организира изложба во Воден. Скептично му одговорив дека за тоа нема надеж. Човекот си замина. По извесно време се врати и отидовме во грчкиот конзулат. Им даде писмо од регионалниот министер за култура на Тракија. Добив виза. Изложбата беше прекрасен чин од кој беа воодушевени и посетителите и стручната критика. Голем број грчки новинари пишуваа запрашувајќи се како е можно уметник кој е роден во Грција да не може да ги претстави своите дела на грчката јавност. Покрај многу пријатели од Скопје, посебно ми беше драго што дојдоа Анте Поповски, Петре Андреевски кој впрочем и ја отвори изложбата. Од тогаш, мошне често одам во Грција – вели Манев.

Со нескриена тага во очите, говорејќи за посетите на Грција, Коле Манев ќе се присети на детството и другарчињата во Романија. Пред некој месец (текстот е пишува пред девет години), н.з.), со Васил Димов кој исто така живее во Скопје, биле во Бапчор, заедно со Петре Буковалов кој живее во Грција. Се Сеќава Коле на Митре Шандов, на Васил Јанков, на Грчето Јорго Папагеоргиу, на Васка Димова која отишла во Узбекистан и таму останала. Се сеќава и на многу други со кои се дружел само неколку недели, а од кои се избришале имињата и останала само сликата.

(Продолжува)

(Овие сведоштва се запишани пред неколку години од еден од најдобрите македонски новинари, за жал, сега покојниот Спас Марковски)