Последната приказна од македонската трагедија започнува со Граѓанската војна во Грција по Втората светска војна. Тоа е почеток на последниот чин од етничкото чистење на делот од Македонија освоен од Грција четири и пол децении пред тоа, кога за да им ја спасат голата кожа на своите деца, илјадници мајки ги испраќаат далеку од нивните домови. Во повеќе продолженија, ќе ги објавиме од нас запишаните сведоштва на десетина Македонци родени во Егејска Македонија, бегалци од Граѓанската војна во Грција, чии сеќавања и судбина можат да ни објаснат многу повеќе за сегашната грчка упорност во борбата да ни го смени името на државата и идентитетот

Страдањата на жените од Егејска Македонија е само една дел од трагедијата во периодот на Граѓанската војна во Грција што најкрваво се одвива токму во Егејот. Александара Ковачевска, денес 82-годишна кревка старичка (текстот е запишан пред осум години, н.з.), по се што минала, прекрасен впечаток остава. Во одредени периоди од годината, поради тегоби во кичмата, останува врзана за постелата и количката, а во други, пак, со подносливи болки, се движи низ станот и соседството колку да си ги заврши обврските и да ја разбие самечката монотонија. Во времето по завршувањето на Втората светска војна и почетокот на Граѓанската војна во Грција, Александра посетувала курс за негувателка. Била ангажирана и во АФЖ, пред се во прифаќање и нега на ранетите партизани, а во почетокот на 1948 година и во извлекувањето на децата од воениот конфликт и нивно префрлување во слободна Албанија.

– Од денешен аспект гледано, после толку години,останува само една излитена општоприфатена фраза: тешки години беа тоа. Во нашата свест и потсвест, тие грозоморни случувања и нивното секојдневно ехо денес, ќе исчезнат кога и нас ќе не снема. Тоа се кошмари на јаве што не ни даваат мир во душата. Секој миг човек не знае дали тука е крајот или ќе го дочека и утрешниот ден. Везден со месеци и месеци ни носеа ранети од разни фронтови. Не знаеш кој е потешко ранет и кој е поблиску до смртта, отколку до животот. А, ние немавме ниту основни средства, ниту лекарства за прва помош. Ќе ги замиевме раните со разводнет шпирт и млака водичка, ќе ги превиевме со завој или обична крпа, докторот ќе им дадеше таблетки за намалување на болките, ќе ги имобилизиравме скршениците колку да не создаваат нови проблеми, и тоа е се. Ништо подобар не беше ни транспортот на ранетите кон Албанија.

Поради бомбардировките и минските полиња, поради можно наидување на монархофашистичката војска или вооружените бандити, моравме да ја користиме само ноќта, некоја запрега за потешко ранетите или коњ, па и магаре за полесно повредените. Во Вмбел имавме некој вид импровизирана болница. Користевме две куќи. Едната беше на Ѓорги Дугаловски. Куќата беше на крајот од селото. Втората беше на неговиот роднина Крумо Дугаловски. Семејството Дугаловци беше традиционално патриотско. Двете куќи ги претворивме во времени болници зашто беа големи, а постојано имавме многу повредени.

Покрај тоа, при евентуална провала, полесно можевме да ги браниме и евакуираме ранетите. Од нив, откако на повредените ќе им беше укажана прва помош и откако малку ќе одмореа, во групи ги префрлувавме во Врбник. Албанија, а оттаму во Корча. Моето момче, Милтијади Ковачевски, беше во раководството на 18 бригада. Покрај другото, тој најчесто одеше во Врбник да се договори за терминот кога повредените ќе минат преку граница. Во август 1947 година го бомбардираа Вмбел со авиони што долетаа од Костур. Прво се запали Тимјовата куќа заедно со плевните и добитокот. Потоа, од црквата, огнот го зафати целото село. Таа борба беше загубена. Од дома зедов само мед и леб. Се друго изгоре. Бригадата бегаше од позициите кај Смрдеш. Се вратив во селото да ја земам мазгата и стомна со вода. Еден партизан ми побара вода. Од еден до друг, отиде стомната. Тоа беше последна ноќ во селото. Глетката беше тажна. Едни земаа земја в раце и ја бакнуваа. Други ги фрлаа пушките подалеку од патот, а трети се бакнуваа и прегрнуваа зашто при бомбардирањето останале живи – се сеќава Александра.

Меѓу 150 и 200 деца, тогаш се евакуирани во Албанија. Наредната година Александра ќе биде одговорна за извлекување на децата од Смрдеш, Брезница, Желево и Загоричани. Собирниот пункт за децата од овие села бил во Желево. Преку Преспа, се префрлани во групи во Љубојно. Мајките на тие деца главно се приклучувале на партизанските единици.

– Во средината на 1949 година имавме болница во Смрдеш. Работев во неа. Дојде наредба болницата да се евакуира. Маж ми пак отиде во Врбник да преговара за премин на албанската граница. Моравме да одиме по планината. Таму било договорено да не чекаат болнички возила. Транспортот се одвиваше по групи. Најнапред ја испративме леринската група. Кон крајот на јули сите беа евакуирани: ранети, жени, деца, старци. Трасата беше иста. Не однесоа во Елбасан. Таму останавме до крајот на октомври. Во почетокот на ноември се повлече и командата на НОФ и одборот на АФЖ. Инаку, евакуираните беа од селата под Грамос. Грците, целата вина за неуспехот на ДАГ ја префрлаа врз нас, нарекувајќи не Титови агенти. Од Елбасан не префлрија на море и, со товарен брод, по 40 дена, стасавме во Полска. Вистинска трагедија беше што многу од ранетите починаа на бродот и моравме да ги фрлиме в море. Во градот Згорзлец останавме подолг период. Во јули 1951 година, Захаријадис малку се смири и даде некаква слобода: да се најдат бегалците, мажи, жени и деца и, да се вратат во Грција. Тогаш ние заминавме за Чехословачка. Најнапред бевме во Техони. Не задржаа два-три дена, а потоа не распоредија по разни прифатилишта. Тогаш дојде маж ми. За прв пат тој ја виде нашата мала ќеркичка која веќе беше наполнила година ипол. Не зеде сите: мене, свекорот, свекрвата и бебето Иванка. Не однесе во Крнов и таму останавме 15 години. Во Чехословачка во 1952 година ни се роди синот Васил, а три години подоцна и Ристе – раскажува Александра.

Семејството Ковачевски во Скопје дошло во 1966 година. Тука се собрале сите шест браќа на Милтијади Ковачевски со семејствата. Сите биле партизани и од Граѓанската војна не се имале сретнато. Денес, сите се починати. Ќерката Иванка живее во Лесковац и е во Одборот на Македонците во Србија. Синот Васил завршил психологија на Карловиот универзитет во Прага. Починал во 1998 година. Најмладиот Ристе живее во Шведска, но поради мајка си, често е на патот Шведска-Македонија.

Стрелањето на петте 17-годишни деца

Само во текот на Граѓанската војна во Грција, од селото Вмбел загинале 47 души. Во споредба со бројот на партизани од ова село, процентот на загинати не е поголем од пет отсто. Најтрагична била смртта на петте младинци: Доне Жуглов, Ставре Ставров, Тина Дигалова, Ванче Корамешкин и Зисе Лафазанов. Сите тие биле помлади од 17 години. Пред  очите на селаните, меѓу кои и 200 дечиња, стрелани се над селото, кон крајот на 1947 година. Грчката војска врз секого од нив испразнила по еден рафал само затоа што нивните родители биле партизани. Дури и да било точно тоа, со нивната смрт сакале да ги убијат нивните родители. И да ги заплашат другите.

(Продолжува)

(Овие сведоштва се запишани пред неколку години од еден од најдобрите македонски новинари, за жал, сега покојниот Спас Марковски)