Последната приказна од македонската трагедија започнува со Граѓанската војна во Грција по Втората светска војна. Тоа е почеток на последниот чин од етничкото чистење на делот од Македонија освоен од Грција четири и пол децении пред тоа, кога за да им ја спасат голата кожа на своите деца, илјадници мајки ги испраќаат далеку од нивните домови. Во повеќе продолженија, ќе ги објавиме од нас запишаните сведоштва на десетина Македонци родени во Егејска Македонија, бегалци од Граѓанската војна во Грција, чии сеќавања и судбина можат да ни објаснат многу повеќе за сегашната грчка упорност во борбата да ни го смени името на државата и идентитетот

Олга Петкова-Продановска животот во детскиот дом ја научил да биде дури екстремно тивка, темелна, ненаметлива, скромна и сосема спонтана. За неа, некогашните ученици од Зелениково, Таор и Орешани, како и од управата на основното училиште во Орешани, Скопско, еднодушно ќе речат дека, за жал, таквите учители веќе ниту се раѓаат, ниту се создаваат. Оваа оценка, самата ќе спомене дека, далеку од семејството во Герман, Преспа, е заслуга на домот во Бела Црква, каде најнапред ги учеле како да станат луѓе, а потоа образовно ги насочувале кон нивната животна определба.

– Сето тоа всушност и го должам на мајка Стоја која имаше време и разбирање за стотици и стотици деца и, во исто време, ни беше мајка, воспитувачка и учителка – вели Олга.

Родена е во 1937 година како деветто дете на Стефана и Герман Петкови. Пред неа родени се Лефтерија, Алексо, Тодор и Фанија. Потоа се родени уште две деца кои набргу по раѓањето ќе починат поради проливи кои, во тоа време, како чума ги коселе новороденчињата. Подоцна ќе се родат Трендафила, Атанас и Олга. Стефана била домаќинка, а Герман, терзија, уметник во занаетот. Низ целиот Егеј шетал по селата и шиел се, од селска работна облека, до свечена народна носија. Најголема почит доживеал токму со везовите што ги правел на носиите, знаејќи ја традицијата и деталите на секоја област во Егејска Македонија. Во Преспа и Костурско бил познат и како врвен производител на мед. Оттука, не е можно да се каже со точност од што го растел многудетното семејство – од медот, од земјоделието за кое наоѓал време или од терзиството што го практикувал како теренска работа. За жал, Герман пошинал многу млад. Народот ќе рече дека умрел од многу обврски. Кога Олга имала 4-5 години, татко и паднал од некоја карпа. Тешко ја повредил ногата, но не обрнал нужно внимание на неа. По кусо време починал од гангрена.

Само душата на Стефана знае како успеала во тие воени времиња, најнапред со светската, а потоа и со граѓанската војна, да ги гледа децата. Факт е дека дел од децата веќе израснале, но вистина е и тоа дека фамилијата Петкови е многу голема, земјоделски имотна и сконцентрирана крај долното средсело во Герман, непосредно околу убавото двокатно училиште и црквата Св. Герман. Впрочем, во тоа време Герман со повеќе од 6.000 жители и изградена инфраструктура, повеќе прилегал на гратче отколку на село.

Бомбардирање на училиштето

На почетокот од 1948 година, селото го нападнала авијација. При бомбардирањето, врз селото биле фрлени тони и тони бомби. Што од бомбите, што од пожарот што набргу избувнал и се проширил зафаќајќи ги двете селски маала, поголем дел од селото бил уништен.

– Ние учениците бевме на некаков распуст. Училиштето се користеше како центар за партизаните и активистите од селото. Затоа беше мета на бомбардирањето. За среќа авионите биле забележани, па активистите, меѓу кои и сестра ми Трендафила-Фила, се засолниле во подрумот, каде што ни беше мензата. Во бомбардирањето беше ранет само еден наш братучед, кој се наоѓал најблизу до прозорчето од трпезаријата. Други жртви немаше бидејќи селото е опкружено со елова шума, па по алармот од камбаните сите жители се засолнија таму. Кога стивна бомбардирањето, селаните се зафатија со гаснење на пожарите и спасување на тоа што можело да се спаси. Неколку дена потоа, во селото се собрале партизаните и одлучиле наставата да не продолжи, туку да се направат списоци за евакуација на сите деца во Југославија. Тоа го слушнав од сестра ми Фила, која по учителскиот курс што го заврши во Герман, одеше и на втор курс во Желево – раскажува Олга.

На 28 март 1948 година вечерта, сите деца од Преспа, од селата Роби, Стрково, Герман, Медово и Рудари, во групи се префрлени во Љубојно. Жените од селото ги прифатиле децата во куќи што претходно биле подготвени за тоа. Таму ги чувале два дена. Потоа ги префрлиле во Браилово. Прифатени се на ледина крај куќа која веќе била преполнета со деца од претходните тури. На ледината останале една недела. Следната станица била Битола, но само за кратко. Таму децата биле качени во товарни вагони. За прв пат, тоа утро добиле попристојана храна: чајни колачиња, чај, леб и мармалад. На Железничката станица во Скопје, ги пречекале жени со полни кошници јадење. Ги служеле со млеко, слатки колачиња, леб и мармалад. По кусата средба со жените во Скопје, возот заминал за Белград. Ги сместиле во Домот на Црвен Крст. Таму најнапред ги избањале, потоа ги прегледале лекари, за на крајта вошливите да ги ошишаат, болните да ги издвојат, а здравите да ги запрашат со ди-ди-ти. Во Домот ги нахраниле и сместиле во спални кои им изгледале како да се од соништата, со креветче и покривка за секое дете. Утрото добиле комплетно нова облека, во која децата безмалку не се препознавале. По појадокот ги примиле нужните вакцини, а по ручекот се упатиле кон Бела Црква.

Срцето во Герман

Во Бела Црква населението им приредило невиден срдечен пречек. Биле сместени во дом со четири павиљони, уредени за возраст и пол. Тука Олга го завршила осумгодишното образование. Иако сестра и Фила во истиот дом била учителка, Олга никогаш не била во нејзино одделение. Постојано била со мајка Стоја. Во 1953 година Фила се омажила за Јото Томовски од Жупаниште, Костурско, кој пред крајот на Втората светска војна, со група партизани пребегнал во Република Македонија. Потоа влегол во ЈНА каде останал до пензионирањето. Фила и Јото добиле син Златко кој како правник ќе почине во Белград. Неговата смрт, набргу ќе ги сотре и Фила и Јото.

Генерацијата на Олга, 17 девојчиња и 4 мажи, најдолго останала во Бела Црква. Заведени како деца без родители. Во текот на образованието, во рамки на секциите Олга го одбрала балетот. Инструктор им била тетка Смиља, која била и кореограф, но ја изработувала и гардеробата за малите балерини. Со останатите секции изготвиле програма со која настапувале ширум Југославија, вклучувајќи го и Скопје. И ден денес Олга ги памети изведбите на „Венчиња“, „Божурки“ и „Снегулки“. Кај Смиља го изучила и основното клавирско образование.

– Кога дојде време за средно образование, постоеја учителски школи во Бела Црква и во Вршац. Меѓутоа, повеќето девојчиња од мојата генерација сакавме да учиме во Македонија. Директорот Станое Обреновиќ кој на сите ни беше како родител и чии што две девојчиња растеа со нас во домот, отпатува за Македонија да најде училиште за нас. Во скопското учителско школо не му се допаѓал интернатот. Во Штипско, го разочарал објектот на училиштето. Во Битола му се бендисале и училиштето и интернатот. Си рекол, ова е вистинското место за моите девојчиња и не запишал сите од групата. Таму во 1958 година го завршив петгодишното учителско школо. Сите трошоци за нашето школување, исхрана, сместување, гардероба и други потреби ги подмируваше домот до Бела Црква – вели Олга.

Во 1958 година се збогува со домското семејство и се вработува во основното училиште во Орешани. Во 1999 година тука го завршува својот работен век. Претходно, во 1963 година се омажила за Томе Проданов од Зелениково. Во училиштето живееле 13 години. Во него им се родила ќерката Снежана (1964 година) и Наташа (1967 година). Куќата во близина на училиштето започнале да ја градат во 1974 година, за да ја завршат три години подоцна и да се вселат во неа. Снежана завршила педагошка академија и има едно дете. Наташа е ветеринарен техничар. Има три деца.

Старата Стефана сиот живот не се поместила од Герман. Покрај седум живи деца, растргани низ светот, таа до смртта останала да живее со најмалиот син Тодор. Само еднаш дошла на гости кај Олга, набргу по мажачката на ќерка си. Ја премолиле да остане да живее тука, но старичката сакала да си ги остави коските на својот имот во Герман, крај тие на мажот. Од директната лоза на Стефана и Герман, остана само Олга. Домот ја подготвил низ многу бури да дочека старост.

(продолжува)

(Овие сведоштва се запишани пред неколку години од еден од најдобрите македонски новинари, за жал, сега покојниот Спас Марковски)