Живееја и пострадаа во Рим, во времето на царот Адријан.
Мудрата Софија, како што ја одликува и името што го носи (бидејќи софија на грчки значи мудрост), остана вдовица, а како добра христијанка се утврди себеси и своите ќерки добро во верата Христова.
Во времето кога мачителската рака на Адријан се протегна и врз добродетелниот дом на Софија, Вера имаше дванаесет, Надеж десет, а Љубов девет години. Изведени пред царот, тие сите четири држејќи се за раце смерно, но одлучно, ја исповедаа верата во Господ Христос и одбија да ѝ принесат идолски жртви на Артемида.
Пред страдањето, мајката ги крепеше ќерките со совети да истраат докрај. „Вашиот небесен женик Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди“.
Мачителот ги мачеше со лути маки сите, една по една: најпрво Вера, па Надеж, па на крајот Љубов. Ги тепаа, ги сечеа, ги фрлаа во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убија со меч.
Софија ги зеде мртвите тела на своите ќерки, ги однесе надвор од градот и таму чесно ги погреба. Остана на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи Го Бога и така Му го предаде својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки.