Светот се соочува со безбедносна и демократска криза, зголемен број конфликти и промена на глобалниот поредок – униполарниот свет повеќе не постои и се движиме кон мултиполарен систем, со повеќе центри на моќ. Потребни се реформи, поголема соработка и нов пристап кон мирот и стабилноста – но НАТО останува клучен фактор за стабилност, особено на Балканот. Проширувањето на ЕУ е неизвесно, а според некои дури и блокирано, а балканските земји треба да бидат прагматични – да соработуваат и со ЕУ, но и со други глобални актери и да го искористат стратешкиот и економски потенцијал како мост меѓу Истокот и Западот.
Ова беше порачано на првиотт панел „Предизвиците за меѓународниот мир, безбедноста и владеењето на правото“ на меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ што се одржува во Скопје на кој учествуаа: поранешниот претседател на Македонија 2009–2019 Ѓорге Иванов; шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО и поранешен министер за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу; поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации и поранешен министер за надворешни работи на Република Србија, Вук Јеремиќ; поранешниот министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Миро Ковач и Ерик Ли, претседател на Центарот за Кина и глобализација, основач и претседател на Chengwei Capital, основач на Клубот Пекинг за меѓународен дијалог, политиколог и еден од најистакнатите кинески аналитичари за меѓународни односи.

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, посочи дека ако се имаат во предвид сите извештаи за мерење на демократијата јасно може да се види трендот на опаѓање на демократијата и дека речиси две децении светот е во демократска рецесија, додека, ако се земе Самитот на Г7 и темите кои беа општата слика – сите ја менуваат својата улога и го користат моментот да се реформираат.
-За жал можеме да кажеме дека и мирот е загрозен, во овој момент имаме 59 отворени конфликти на планетрано ниво. Војните веќе се без крај и не знаеме кога ќе завршат, но вреди да се биде ниту оптимисти, ниту песимист, туку реалист. Реализмот е основа да го сфатиме светот каков што е, и можеби тука повторно да си го прочитаме Дарвин за потеклото на видовите, кој кажува дека „не опстојуваат најсилните, туку најприлагодливите“. Тоа е мотото дека мора да се прилагодуваме за да преживееме, а ако сме само неми набљудувачи ќе бидеме жртви – порача Иванов.
Иванов, се осврна на извештајот на Марио Драги за конкурентноста на ЕУ во кој предвидува дека Европа за да остане релевантна и компетитивна на меѓународен план треба годишно да троши 800 милијарди евра на развој, додека во исто време, претседателката на ЕК Фон дер Лајен вели дека во следните неколку години Европа мора да одвои исто толку средства на оружје и одбрана.
– Европа е создадена да има мир во регион полн со војни, но сега кој лидер и политичар во Европа зборува за мир. Поразителен одговор, двојно повеќе зборуваат за војна, отколку за мир, хармонија и просперитет. После војната во Иран, за првпат европските граѓани живеат полошо од било кога во својата историја и за првпат во историјата, младите луѓе во Европа живеат полошо од своите родители, а единствено место во светот каде младите живеат подобро од своите родители е Кина – порача Иванов.
Светот, нагласи Иванов, не стои и се движи и кој ќе се качи на возот ќе стигне до целта, а кој не ќе остане да чека и пее тажни песни.

Шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО и поранешен министер за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, порача дека кога се зборува за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа и Балканот треба да се има на ум улогата на НАТО во регионот, нагласувајќи дека НАТО бил и е гарант за безбедноста на многу држави во регионот.
-Присуството на НАТО и во иднина ќе биде клучно за одржување на мирот и стабилноста во регионот, но не треба се да очекуваме од сојузникот САД, туку и европските сојузници, исто така, треба да се присутни… Верувам дека безбедноста на Балканот, Европа и Турција е неразделна и затоа верувам дека евроинтеграциите, во овој регион се особено клучни и се надевам дека Северна Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ во блиска иднина – изјави Чавушоглу.
Дополнителните условување надвор од преговарачките поглавја наметнати на Македонија и македонскиот народ, според Чавушоглу се нефер и сурови.
-Од Северна Македонија се бараше да го промени знамето, името и сега се бара да прифатат дека не се Македонци. Тоа е нечуено и спротивно на основните вредности на ЕУ… Турција е за соработка и против создавање нови поделби на Балканот. Турција е подготвена да ги поддржи сите напори за мир, безбедност и економска соработка во регионот. Верувам дека ЕУ интеграцијата на регионот ќе забрза во иднина и НАТО ќе продолжи да игра значајна улога во Југоисточна Европа и Балканот – изјави Чавушоглу.
Според Чавушоглу Турција е за реформа на меѓународниот систем и ОН, а верува дека и ЕУ треба самата да се реформира.
-Евроатлантските аспирации на балканските земји треба да бидат поддржани. Верувам дека неискористениот потенцијал на Балканот треба да биде препознаен. Географски Балканот е мост меѓу Западот и Истокот и економскиот потенцијал е особено важен за развојот на поширока Европа. Кога северниот коридор повеќе не е алтернатива за трговија меѓу Азија и Европа, верувам дека коридорот „Појас и пат“ ќе станува се поважен и Балканот ќе биде дел од тоа – изјави Чавушоглу.

Поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации и поранешен министер за надворешни работи на Република Србија, Вук Јеремиќ, порача дека униполарниот свет повеќе го нема и веќе живееме во мултиполарен свет, посочувајќи дека последните 12 месеци јасно покажуваат како довчерашниот хегемон САД не можат повеќе да ја наметнуваат својата волја и да ги исполнуваат своите цели.
-Не верувам дека сегашните меѓународни организации, особено ОН, се способни да му служат на човештвото под променливи услови. Јас сум голем поддржувач на ОН, но ако ОН повеќе не може да ја исполнува својата цел има три работи што може да се направат: прво е реформа на ОН што е тешко да се направи поради недостигот на доверба, второ е да пробате да се вклучите на други организации кои не мора да се целосна замена, туку придонесуваат за соработка со другите кога мултилатералниотс систем е блокиран. Трето што може да се направи е да тргнете билатерално и да го правите она што мора, што не секогаш е добро – изјави Јеремиќ.
Во однос на проширувањето на ЕУ, Јеремиќ вели дека за Западен Балкан ќе биде многу важно да ја разбере реалноста и да не се биде носталгичен и жали за пропуштената можност да се влезе во ЕУ, порачувајќи дека ако не сме дел од ЕУ не значи дека не сме дел од Европа и не можеме да соработуваме и работиме со ЕУ, но истовремено и да соработуваме и со други важни актери, како што се Турција и Кина.
– Проширувањето е завршено, го нема и нема да се случи, но не значи дека е крај на светот. Верувам дека овој дел од Балканот не треба да биде со скршено срце за тоа и ние можеме да имаме важна улога, но не како вечни земји кандидати и да бидеме лути на Европа, туку да бидеме прагматични и да соработуваме блиску со ЕУ, но и со другите како Турција и Кина – изјави Јеремиќ.
На ова, се надоврза Чавушоглу, споделувајќи дека кога бил во посета на Србија често добивал прашање кога Србија ќе се приклучи на ЕУ, на што на шега одговарал „за време на претседателството на Турција“.

Поранешниот министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Миро Ковач, оцени дека постои криза во политичкиот Запад и заедничките глобални институции креирани по Втората светска војна кои се рефлектираат во претседателството на Доналд Трамп.
-Проблемот е што сега имаме европски организам што се саморегенерира, но е психолошки и физички зависен од Америка. Западноевропските држави и политичари, сите зборуваат за европската автономија, но се плашат да бидат автономни. Западна Европа се плаши да биде сама и тоа е психолошки проблем, но и физички проблем, исто така, за што зборуваше Марк Руте – изјави Ковач.
Според Ковач Европската Унија се уште е мировен проект, но само на територијата на ЕУ и нема капацитет да дејствува како промотор на мир надвор од ЕУ, затоа, како што порача, и се залага за проширување на ЕУ, што верува дека е многу добар проект, и гарантира мир на европска територија. Но, како што нагласи, скептичен е дека ЕУ ќе има силна улога на светската сцена, бидејќи, како што вели, „не гледа свесност и политичка култура ЕУ да се придвижи напред“.
Кина, нагласи Ковач, има систем што учи од минатото и историјата, додека проблемот на Западот е што се сомнева во ефикасноста на својот систем.
-Можеме ли да се натпреваруваме со ваков систем. Во ЕУ мора да бидеме многу попрагматични. Европските проблеми треба да бидат решени од Европа. Идејата за Европска политичка заедница е добра и верувам дека е добро да се има повеќеслојна ЕУ со земји со различно ниво на интеграција кои може да продолжат да се движат побрзо – порача Ковач.

Претседателот на Центарот за Кина и глобализација, основач и претседател на Chengwei Capital, основач на Клубот Пекинг за меѓународен дијалог, политиколог и еден од најистакнатите кинески аналитичари за меѓународни односи, Ерик Ли, зборувајќи за либералните држави, посочи дека постојат две групи на либерални држави во светот – првата или јадрото се САД и Западна Европа кои имаат либерален политички систем на уредување 70 или 80 години, додека втората е голема група на држави кои го „прифатија“ овој систем пред 40-тина години и го заменија дотогашниот систем и социјална структура со овие либерални политики.
-Либералните политики функционираа за првата група држави, но во последните 40-тина години престана да функционира и политичките системи постојано даваа лидери кои се полоши од претходниот. Либералните држави од некоја причина не можат да создадат квалитетни и компетентни лидери и политиката станува дисфункционална. Но, голем број од земјите од втората група, што се земји во развој, замижаа пред тој факт и го купија системот без проверки мислејќи дека со копирање на уставот и системот на богатите држави ќе бидат богати и тие. Но тоа не е така – изјави Ли.
Кина, според Ли има има „тешка врска со ЕУ“, потсетувајќи дека Брисел сакал да отвори трговска војна со нив. Но, како што нагласи Ли, Европа е поголема од ЕУ.
Во однос на проширувањето, Ли упати отворена порака „престанете да седите и гледате во старите клубови, има нови и интесрени клубови во градот …таков е БРИКС, приклучете се на тоа“.
-Често патувам во Лондон поради бизнис и со години одев во стари клубови во кои членуваат само стари господа и служат досадна храна, се додека еден ден седејќи во еден таков клуб во зграда што речиси се распаѓаше под моите нозе си реков дека овој клуб не чини. Тогаш, еден колега ме праша, зошто седиш во тој клуб, има нови клубови во градот, возбудливи, со одлична музика и храна, во кои членуваат и жени. Господа престанете да стоите пред овие клубови кои се во изумирање, има нови клубови во градот. БРИКС е еден од нив, имаме одлична музика, храна, жени… Приклучете ни се, приклучете се на клубовите на иднината. Тоа е што имам да кажам за проширувањето – порача Ли.
Модератор на панелот беше претседателот на извршниот одбор на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, Иван Иванов.
Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ што денеска и утре се одржува во Скопје, на која учествуваат поранеши шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија, е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија 2009–2019, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Алумни асоцијацијата на Школата за млади лидери на претседателот Иванов (ISLAA).




