Научници гледаат знаци дека алармантниот бран на Омикрон можеби го достигнал својот врв во Велика Британија и САД, по што бројот на новозаразени може да почне нагло да опаѓа. Во исто време на северноамериканскиот континент, Канада во Квебек воведува специјален данок за невакцинираните.

Причината за ова е што Омикрон станал толку многу заразен што можеби нема повеќе луѓе низ кои не поминал, само месец и половина откако беше откриен во Јужна Африка. Неговата распространетост „може да се намали исто толку брзо како што расте“, изјави истражувачот Али Мокдад од Универзитетот Вашингтон во Сиетл.

Во исто време, експертите предупредуваат дека сè уште постои голема неизвесност за тоа како би се развивала следната фаза од пандемијата. Според Универзитетот Вашингтон, бројот на дневни пријавени случаи во САД ќе достигне врв од 1,2 милиони до 19 јануари, а потоа драстично ќе падне, „едноставно затоа што секој што може да биде заразен ќе биде заразен“, рече Мокдад.

Тој додаде дека, според проценките на универзитетот, реалниот број на нови дневни случаи во САД, вклучително и луѓе кои не биле тестирани, веќе го достигнала врвот – шест милиони на 6 јануари.

Во Велика Британија, владините бројки покажуваат дека новите инфекции паднале на околу 140.000 дневно минатата недела, откако надминале 200.000 еден ден претходно овој месец.

Квебек ќе воведе посебен данок за луѓето кои не се вакцинирани против коронавирусот

Властите во канадската провинција Квебек синоќа соопштија дека во наредните недели ќе воведат нов данок наречен „здравствен придонес“, само за граѓаните кои одбиваат да примат вакцина против Ковид-19.

– Работиме на нов данок за сите возрасни кои одбиваат да примат вакцина против коронавирусот бидејќи тие претставуваат финансиски товар за сите граѓани, рече премиерот на покраината, Франсоа Лего.

Лего додаде десет отсто од граѓаните на Квебек не примиле вакцина и нагласи дека останатите 90 отсто вакцинирани не треба да страдаат поради нив. Според него, тие десет проценти невакцинирани возрасни лица претставуваат 50 проценти од луѓето на одделенијата за интензивна нега во болниците.

Во Квебек, кој има околу осум милиони жители, во моментов се хоспитализирани вкупно 2.742 лица, а околу 255 луѓе се на одделенијата за интензивна нега.