Одборот на извршни директори на Светска банка одобри два проекта во вредност од 500 милиони американски долари за Хрватска за итна поддршка во ублажување на ефектите од пандемијата на коронавирусот и земјотресот во Загреб.

Како што прецизира Канцеларијата на Светска банка во Загреб, ефектите од пандемијата врз здравјето и економијата во Хрватска, како и во светот, се без преседан, а голема штета е предизвикана и од земјотресот што го погоди Загреб на 22 март, најсилен во последните 140 години во таа област.

Во соопштението се наведува дека со заемот за финансирање на развојната политика како одговор на кризата и поддршка за закрепнување, вреден 300 милиони американски долари, Светската банка го поддржува владиниот пакет економски мерки, со цел да ги ублажи економските и социјалните ефекти на пандемијата.

„Исто така заемот е насочен и кон решавање долгорочни институционални недостатоци во Хрватска и ги поставува темелите за одржливо закрепнување“, се додава во соопштението.

Проектот за реконструкција по земјотресот и јакнење на јавното здравство, вреден 200 милиони американски долари, е првиот голем заем за обнова на Загреб по земјотресот во март.