Цените на нафтата денеска паднаа за повеќе од 5 отсто , при што американскиот репер WTI падна на нешто под 100 долари за барел, поради знаците за напредок на мировните прегоори меѓу Русија и Украина.

Суровата нафта од типот „брент“ поевтини за 6,51 долари, или 5,8 отсто, на 105,97 долари за барел, а американската „Вест Тексас Интермедијт“ (WTI) поевтини за 6,41 долари или 6 отсто, на 99,55 долари.

Нафтата поевтинува втор ден по ред откако вчера цените паднаа за околу 7 проценти.

Цените на нафтата, исто така, се под дополнителен притисок и на новите
карантини во Кина, најголемиот светски увозник на нафта, со цел да го спречи ширењето на коронавирусот.

На денешните мировни преговори во Турција, Русија ветила дека ќе ги намали своите воени операции околу Киев и северна Украина, додека Украина предложи усвојување на неутрален статус, но со меѓународни гаранции дека ќе биде заштитена од напади.

– Цените на нафтата повторно се под притисок на очекувањата од мировните преговори меѓу Украина и Русија, што би можело да доведе до ублажување на санкциите, изјави Хиројуки Кикукава, генерален менаџер за истражување во Нисан Секјуритис.

Санкциите наметнати на Русија поради нејзината инвазија на Украина го нарушија снабдувањето со нафта, што ги зголеми цените.