Италијанската скијачка Софија Гоџа победи на денешниот спуст во Кран Монтана, остварувајќи ја втората победа во само два дена во швајцарскиот ски центар и четврта во низа во рамки на Светскиот куп.

За 28-годината Италијанка ова беше вкупно 11 победа во кариерата до која стигна со време од 1:27.75 минути. Второ место со заостанување од 27 стотинки го освои швајцарската скијачка Лара Гут-Бехрами, која минатата сезона беше двоен победник во Кран Монтана.

Место на подиумот избори и сонародничката на Гоџа, Елена Куртони со заостанување од 60 стотинки.

Гоџа со 480 од можни 500 бодови води убедливо во пласманот во спуст, а во генералниот поредок словачката скијачка Петра Влхова ја зголеми предноста на врвот со 861 бодови, 120 повеќе од второпласираната Мишел Гисин од Швајцарија.