Новиот светски шампион во велтер категорија во борбите со голи раце во БКФЦ верзијата, Горјан Гого Славески синоќа по победата над Американецот Џејк Лидзи не ја криеше радоста поради успехот што го оствари во САД.

– За мојот народ никогаш да не зборуваш со деминутив, објави Славески пред неколку часа на неговиот профил на Фејсбук.

Славески е од скопската населба Ѓорче Петров, а веќе една деценија се пробива во САД и конечно успеа да се искачи на врвот со шестата победа во исто толку мечеви. По победата гордо го изговараше името на родната земја Македонија.

– Радувајте се Македонци, остваривме историја, остваривме историја. Македонија е мала држава, со едвај два милиони жители и навистина е тешко од таму да се стане најдобар во светот. Но, успеав во тоа зашто ние сме земја на шампиони, викаше на цел глас Славески по прогласувањето за победникот во Флорида.

Славески, како што објави Спорт 1, доаѓа на местото на Луис Паломино, кој неодамна се откажа од шампионскиот појас во оваа категорија. На двајцата заедничка им е соработката со тренерот Ерик Кастањо, кој важи за еден од најдобрите во овој спорт.