Денеска има најмалку две вести поврзани со тн. свиркачи во светов. Првата е дека Високиот суд на Лондон ја прифати жалбата на САД и ја дозволи екстрадицијата на Џулијан Асанж, кој се соочува со кривични дела за шпионирање и хакирање владини компјутери.

Втората вест е дека за подготовката на тн. „бомби заевки“, за уривање на поранешната легална власт, свиркачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски добиваат уште една награда, покрај другите признанија досега.

Натаму веста од Македонија е следнава:

Лазаревски и Звонко Костовски ја примија награда „Мето Јовановски“, за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

-Борбата за човекови права е невозможна без храброст, одлучност и преземање на ризик, а борецот за човекови права мора да биде личност со интегритет кој е подготвен да преземе акција и по цена на нарушување на личната безбедност, порача денеска претседателката на одборот за доделување на наградата Уранија Пировска на доделувањето на наградата на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за култура Ирена Стефоска, пратеници, професории.

-Овие долгогодишни службеници во МВР и двајцата врвни професионалци и наградувани за проекти поврзани со националната безбедност откако дошле до сознанија за масовно кршење на човековите права со незаконско прислушкување во 2010 година започнале со обезбедување докази за нелегалните активности. И покрај опасноста и можните реперкусии врз нивниот живот тие решаваат да станат укажувачи да овој голем криминал со кој брутално се прекршуваат човековите права. Поради оваа активност Лазаревски и Костовски беа цел на оркестрирани напади, заплашувања кон нив и нивните семејства, а поминаа и период во затвор, истакна Пировска.

Според неа, нивната лична жртва и одважност да се спротивстават на овие операции насочени против граѓаните претставуваат висок морален чин.

-Лазаревски и Костовски се светол пример за сите коишто се во служба на државата. Со своите постапки тие јасно ја испратија пораката дека должноста секогаш треба да се врши во интерес на граѓаните, а не во корист на надредени моќници кои решиле да го искористат државниот апарат во функција на исполнување на лични криминални цели, додаде претседателката на Одборот.

Ѓорѓи Лазаревски кој веќе е пензионер се присети на делото што го направиле и рече дека е сугурен дека никогаш повеќе нема да се повтори масовно прекршување на правата на илјадници наши граѓани.

 

-Пред точно 11 години ние решивме да го сториме тоа што сметавме дека е единствено исправно во дадените околности. Бевме сосема свесни за ризиците, а за награди и признанија ниту помисливме ниту ни беа битни. Но, денес сме горди што токму ние сме добитници на највисокото признание за остварување во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Горди што за се што лично поминавме не беше залудно и што со нашите активности помогнавме да се случат повеќе позитивни општествени промени. Сигурни сме дека во нашата татковина никогаш повеќе нема да се повтори масовно прекршување на правата на илјадници граѓани, истакна Лазаревски.

Наградата, рече тој, ќе ја посветат на нивните семејства и на сите луѓе кои со храброст, труд, стручност и посветеност искрено се борат за остварување и заштита на човековите права, се борат за правда и владеење на правото.

Во 2018 година Лазаревски и Костовски ја добија наградата за слобода на говор за извонредна храброст и хероизам во алармирањето на граѓаните на Македонија за широкото распространето кршење на човековите права која ја доделува Коалицијата за заштита на укажувачи на ЈИЕ и од Европскиот центар за права на укажувачите.

Како што е познато, актуелната власт, која им доделува награди на македонските свиркачи, како опозиција ги искористи за уривање на легалната власт во Република Македонија и потоа смена на уставното име на Македонија и се што потоа се случуваше.

Судот во Велика Британија ја одобри екстрадицијата на Џулијан Асанж во САД

Високиот суд на Лондон ја прифати жалбата на САД и ја дозволи екстрадицијата на Џулијан Асанж, кој се соочува со низа кривични дела, како шпионирање и хакирање владини компјутери. Уважувајќи ја жалбата, судијата Тимоти Холројд кажал дека САД дале пакет гаранции за условите на притворот на Асанж.

САД се жалеа на пресудата од 4 јануари, со која не беше одобрена екстрадицијата на основачот на Викиликс поради стравувањата дека би можел да се самоубие во затвор.

Педесетгодишниот Асанж е баран за објавување илјадници доверливи воени и дипломатски документи во 2010 и 2011. Според судијата Холројд, тој најавил дека ќе се жали на најновата пресуда, што дополнително би можело да го одолжи целиот процес.

Холројд заклучил дека пресудата од јануари се базирала на ризикот дека Асанж ќе биде затворен во затвор со најстроги мерки, но САД подоцна дале гаранции дека тој нема да се соочи со такви мерки, вклучувајќи самица.

Според американските власти, менталните проблеми на Асанж воопшто не се толку сериозни за да не биде екстрадиран.