Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека се потврдени два случаи на хантавирус, додека уште пет се сомнителни меѓу патниците на крузерот „Хондиус“, кој е блокиран во Атлантскиот Океан во близина на Зелениот ’Рт (Кабо Верде).
Околу 150 лица сè уште се наоѓаат на бродот, кој превезува претежно британски, американски и шпански туристи. Патувањето започна од Аргентина во текот на март. Седумте случаи ги вклучуваат трите досегашни жртви, еден пациент во критична состојба и тројца со полесни симптоми.
Починати се брачна двојка од Холандија и еден германски државјанин, додека британски патник бил евакуиран и се лекува во Јужна Африка.
СЗО соопшти дека се трага и по патниците од летот од островот Света Елена до Јоханесбург, со кој патувала починатата холандска двојка.




