Земјите кои не ги користат сите расположливи механизми во борбата против коронавирусот, ќе се мачат да го совладаат, предупреди денеска Светската здравствена организација (СЗО).

– Некои земји пристапија фрагментарно во борбата против пандемијата и пред тие земји е долг и трнлив пат, предупреди првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус без да прецизира на кои земји мисли.

– Само државите кои ќе придвижат систем способен да почне сеопфатен пристап во борбата против коронавирусот, ќе можат да ја спречат епидемијата и да избегнат ново воведување вонредна состојба, истакна Гебрејесус.

Во врска со неодамнешните вести за новиот вирус кој се пренесува од свињи на луѓето и има пандемски потенцијали, експертот за вонредни ситуации на СЗО, Мајк Рајан изјави дека е важно луѓето да не бидат загрижени, затоа што „не станува збор за нов вирус, туку вирус кој е под надзор“.