Пред три дена германската канцеларка Ангела Меркел во Скопје изјави дека не може да има промени на границите на Балканот, пишува приштинскиот весник Зери.
Весникот додава и дека косовскиот претседател Хашим Тачи го повторува својот став за спојување на Прешевската долина со Косово, а од друга страна Србија и понатаму има претензии кон северот.
И покрај повторните изјави на германската канцеларка Ангела Меркел дека на Балканот не може да има промени на границите, претседателот на Косово Хашим Тачи продолжува да истакнува дека ќе работи на обединување на Прешевската долина со Косово, се додава во текстот.
Косовскиот претседател Хашим Тачи вети дека ќе ги продолжи напорите за постигнување договор за размена на територии со Србија. Тој ова го изјави по средбата во Приштина со претставници на етничките Албанци од српските општини Прешево, Бујановац и Медвеѓа.
Иако не е сигурно дека такво нешто може да се постигне, Тачи вети дека нема да крене раце од барањата на Албанците од Прешево, Бујановац и Медвеѓа.
Меѓутоа, набљудувачите на процесот на дијалогот со Србија проценуваат дека таквите изјави на косовскиот претседател се само за консумација, бидејќи е апсурдно дека Косово може да добие три општини во Србија, а ништо да не се даде во замена за нив, пренесува Коссев.
Од друга страна, претставници на косовската опозиција сметаат дека шефот на државата игра опасна игра со процесот, па Тачи треба да биде сопрен во тој поглед што побрзо, пишува Зери.