Талибанците протераа илјадници луѓе од нивните домови и од земјишни поседи на северот и југот на Авганистан, што е колективна казна, незаконска според меѓународното право, предупреди денеска Хјуман рајтс воч.

Цел биле членови на шиитската заедница Хазар, како и луѓе поврзани со поранешната авганистанска влада, објави британскиот весник „Гардијан“.

Земјиштето и куќите запленети на овој начин честопати им се даваа на талибанските поддржувачи, наведе ХРВ. Присилните иселувања евидентирани од Хјуман рајтс воч се случија во пет провинции, вклучувајќи ги Кандахар, Хелманд и Урузган на југ, Даикундиа во центарот и Балк на север.

На многу луѓе им е наредено да ги напуштат своите домови и фарми за само неколку дена и без никаква можност да докажат дека се законски сопственици. На некои, наводно, им било кажано дека доколку не ги почитуваат наредбите за заминување, немаат право да се жалат на последиците, се вели во извештајот.