Талибанска делегација ќе учествува на вонредниот самит на Организацијата за исламска соработка во врска со ситуацијата во Авганистан, закажан за 19 декември во Исламабад, јави авганистанската телевизија 1 ТВ

Валиула Шахин, раководител на Центарот за стратешки студии при Министерството за надворешни работи, изјави дека авганистанската економија, банкарскиот систем и нормализацијата на односите на Авганистан со светот, ќе бидат главните теми на состанокот, пренесе Толо њуз.

– Економијата, банкарскиот систем и нормализацијата на односите на Авганистан со светот се точките на дневниот ред на состанокот и ние како Министерство за надворешни работи на Авганистан ќе учествуваме на овој состанок, истакна Шахин.

Пакистански медиуми јавија дека на средбата се поканети и делегации од САД, Русија, Велика Британија, Европската унија, Светска банка и хуманитарни организации.

– Многу исламски земји немаат добри врски со Авганистан. Се надевам дека овие држави ќе ги обноват своите односи и заедно ќе донесат одлука за препознавање на Авганистан, изјави Саид Исак Гајлани, шеф на Националното движење за солидарност на Авганистан.