Добро сочуван скелет на тревопасен диносаурус, пронајден крај река во Танзанија, разоткрива важни особености за еволуцијата на најголемите суштества кои некогаш живееле на Земјата – титаносаурусите.

Новооткриениот диносаурус е наречен Мнијамавамтука мојовамкија. Имал долг врат и опашка, тежел околу еден тон, а вкупната должина му е осум метри. Гигантот живеел пред 100-110 милиони години и е ран претставник на титаносаурусите.

Пред диносаурусите да исчезнат по ударот од астероид на Земјата пред 66 милиони години, титаносаурусите достигнуваат џиновски размери. На пример, во Патагонија е пронајден скелет на титаносаурус долг 37 метра и тежок 70 тона.

Досега се откриени коски од околу 60 титаносауруси низ светот, но повеќето само како мали неповрзани остатоци. Скелетот на Мнијамавамтука е зачуван 45 отсто: многу пршлени од вратот и опашката, но не и черепот.

Животното живеело во топла и сува средина, каква што и денес е тој дел на Средна Африка.