Новоизбраниот член на Судскиот совет Наке Георгиев денеска поднесе оставка од позицијата член на Советот, за да му отвори пат на синот Кирил Георгиев да биде избран за судија, откако деновиве дел од колегите во Советот му укажале дека согласно Законот за судовите близок роднина на член на Судскиот совет не може да биде избран за судија. Судскиот совет на денешната седница избра повеќе судии во основните судови низ државата, меѓу кои и синот на Наке Георгиев, Кирил Георгиев, кој е избран за судија во Основнит кривичен суд Скопје.

Утрово судијата Наке Георгиев требаше да даде свечена заклетва во Собранието како новоизбран член на Судскиот совет заедно со судијката Антоанета Димоска, но заклетвата беше одложена за 14 часот. Неофицијално, намерата била прво синот на Наке Георгев да биде избран за судија, а потоа тој да ја даде заклетвата, но тројца членови Ивица Николовски, Мери Радевска и Весна Дамева го разубедувале Георгиев дека веќе е член на Советот и треба да си поднесе оставка, зашто не е законски татко да избира син за судија.

Георгиев оставката утрово ја поднел писмено и навел дека е од лични причини, без образложение, а Советот само ја констатираше на денешната седница.

За неговата оставка никој во Советот не се јави за збор, освен експретседателката Весна Дамева, која рече дека немало законски основ судија да биде избран во ситуација кога член од неговото семејство е во Судскиот совет.

– Категоричниот став на некои членови на Советот допре до судијата, па поднесе оставка – рече Дамева.

Неговиот син, кој има завршена Академија за судии и обвинители денеска едногласно, како и сите останати новоизбрани судии, е избран за судија во Кривичниот суд во Скопје.

Дамева и по изборот на синот повтори дека ѝ е драго што Судскиот совет овојпат е спасен од голем скандал.

– Кирил Георгиев е син на Наке Герогиев кој беше член на Советот, но до него допре мојот и ставот на дел од моите колеги дека ако се впуштиме во избор на неговиот син за судија додека е тој член може да се случи тој избор да биде осуетен. Горда сум што укажувавме на ова – рече Дамева.

Законот за судовите е категоричен дека член на Судски совет не може да избира свој роднина за судија. Член 43 став 4 вели дека „за судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар“.

За исразнетото место по оставката на Георгиев Судскиот совет повторно ќе распише избори.

Тој беше избран неодамна на позицијата, од редовите на судии од Врховниот суд, но доби само шест гласа, од кои еден негов, а голем дел од ливчињата беа неважечки. Тој се кандидираше за член на Судскиот совет како единствен кандидат од Врховен суд, а неговоте поддржувачи во советот во последен момент пред кандидатурата ја сопреа постапката за неговор расрешување, што ја водеа против него.

Изборите беа организирани откако претходно двајца членови на Судскиот совет, апелацискиот судија Зоран Герасимовски и врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова си поднесоа оставки по серијата скандали што го следеа ова највисоко тело од правосудството.

Судски Совет избра 25 нови судии во пет основни судови и во Основен кривичен суд Скопје

Судскиот совет денеска избра 25 нови судии за повеќе основни судови, како и за Основен кривичен суд – Скопје.

По првиот оглас од Службен весник бр.73/23 беа избрани тројца судии во Основниот суд Битола, еден во Основниот суд Свети Николе, еден во Основниот суд Струмица и двајца во Основниот суд Тетово, додека, по огласот објавен во Службен весник бр.112/23 беше избран уште еден судија во Основниот суд Битола, осум во Основниот граѓански суд Скопје, седум во Основниот кривичен суд Скопје и двајца во Основниот суд Струмица.

Сите нови судии беа избрани едногласно, со 11 гласа „за“ од актуелните членови на Судскиот совет со право на глас. Станува збор за кандидати од последната генерација која во февруари годинава ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители.

Меѓу денеска избраните нови судии се и имињата на блиски роднини на функционери, обвинители и судии.

Меѓу нив, во Основниот кривичен суд Скопје ќе суди Биљана Смаќоска – ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска, како и Драган Јосифоски – син на обвинителката Елизабета Јосифоска. Таа и беше заменичка на Катица Јанева во СЈО, а од неодамна е шефица на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар. Колега во Кривичен ќе им биде и Кирил Георгиев, кој е син на Наке Георгиев, поранешен претседател на Апелацискиот суд Штип и актуелен судија во Врховен. Таткото Георгиев пред десетина дена беше избран за член на Судскиот совет, но, како што информиравме, тој денеска си поднесе оставка од член на Судскиот совет за неговиот син да може непречено биде избран за судија.