Јужна Кореја одржа итен состанок за безбедност, откако Северна Кореја вчера се закани дека ќе ја уништи Канцеларијата за врски помеѓу Сеул и Пјонгјанг.

Директорот на претседателскиот Национален совет за безбедност на Јужна Кореја, Чунг Еуи-јонг одржа итна видео-конференција со министрите задолжени за безбедносата и со претставниците на армијата.

И Министерството за обединување, задолжено со односи со Северна Кореја соопшти дека „моменталната ситуација е сериозна“ и оти двете соседни држави мора да се придржуваат до договорите.

Сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо-џонг вчера изјави дека наскоро ќе присуствува на уништувањето на „бескорисната“ Канцеларија за врски помеѓу Северна и Јужна Кореја.

Таа наведе дека има овластување од Ким Џонг-ун да му нареди на одделот „одговорен за справување со непријателот“ решително да ја спроведе „следната акција“.

Северна Кореја претходно ја прекина телефонската комуникација со Јужна Кореја и се закани дека ќе ги суспендира сите договори потпишани во 2018 година.