Теодор Лоренчич е словенечки писател, поет, графички дизајнер, универзитетски професор и културен публицист, познат како хроничар на „Лајбах“, роден на 21 ноември 1954 година во Марибор и фигура чија биографија тешко се вклопува во само еден жанр.
Во книжевните кругови се појавува во 1975 година со стихозбирката „За карпите и темјанушките“, a во 1979 ја објави и „Трансформатор”“. Во 1983 година станува дел од светски познатиот бенд и уметничко авангардно движење Laibach/Neue Slowenische Kunst (NSK), период кој подоцна детално го документирал во фотомонографијата „Лајбах: 40 години вечност“ (2021), објавена во Белград, а потоа и на англиски јазик.
Од декември 2018 живее и работи во Белград, а оттогаш објавил неколку книги на српски јазик, вклучувајќи ги романот „Анонимни“, поетската антологија „За љубовта“, збирката „Некои други песни“, а минатата година и романот „Марго“ (според некои критичари, контроверзно дело инспирирано од „Лолита“ на Набоков), објавено речиси истовремено на словенечки, англиски и на српски јазик. А неодамна се појави и неговиот криминалистички роман „Идеални убиства“.

Што значи „Лајбах“ за вас, а што за нас?
– Да не беше „Лајбах“, можеби немаше ни да бидеме свесни за многу нешта. Според тоа, за нас тие значат приближно исто: свесност, односно состојба на критичката мисла, која треба постојано да се негува и развива. Проектите и концертите на „Лајбах“ веќе 46 години ја обликуваат таа критичка мисла поттикнувајќи го неопходниот критички осврт кон општеството.
Истовремено, бевте дел од турнејата и нејзин хроничар со камера („Окупирана Европа“, нивните историски меѓународни концерти од 1983). Дали таа двојна улога влијаеше врз она што го снимавте и во која мера?
– Турнејата беше сериозна авантура, патување во непознатото, а за таков потфат е потребна храброста што ја имал Христофор Колумбо на своето патување кон непознатиот свет. Така, самата турнеја ја испишуваше приказната од ден на ден; јас исто така водев белешки, кои ми беа од големо значење при пишувањето на монографијата, особено во поглед на историската исправност и точност. Монографијата беше одобрена од „Лајбах“, па на крајот испадна дека за првите седум години од постоењето на групата јас ја имав улогата што ја имаше Дедиер за Тито – бев биограф и историчар на тој период од дејствувањето на групата, кој до објавувањето на монографијата беше најмалку познат.

Тргнавте на тоа патување веднаш откога на „Лајбах“ му беше забрането да настапува во Југославија по инцидентот во Загреб (тогашните власти нивниот перформанс го сметаа за тешка навреда на социјалистичкиот поредок и државните симболи). Дали во тој момент чувствувавте дека бегате од нешто или дека се движите кон нешто поголемо?
– Не бегавме; таа турнеја беше испланирана уште пред забраната – беше неопходно да се ослободат окупираните Западна и Источна Европа од тоталитаризмот. „Лајбах“ го постигна тоа носејќи униформи на ЈНА и го стори тоа триумфално. „Лајбах“ не можеше ни да сонува за поголема услуга од политичкиот систем од самата забрана бидејќи не постои подобар публицитет од тоа да бидеш забранет. Ненамерно, тие го издигнаа „Лајбах“ на југословенската, европската и на светската сцена. Голема благодарност за тоа!
Патувавте во Австрија, Унгарија, Источна и Западна Германија, Полска, Холандија и Англија во екот на Студената војна. Кој граничен премин, техничка пречка или бирократска бариера Ви останале најживо врежани во сеќавањето како симбол на таа поделена ера?
– Имаше повеќе! Пред сè, забраната за влез во Чехословачка, а со тоа и промената на рутата на турнејата и финансиските последици од двата нелегално планирани концерти во таа земја. Потоа обидот на југословенската амбасада да спречи два концерти во Варшава нарекувајќи нè „словенечки нацисти“. Во тоа не успеаја бидејќи материјалот за нашиот концерт претходно веќе успешно ја беше поминал полската државна цензура; дури и ги наведовме, преку манипулација, да дојдат како гости на концертот.
И, трето, преминувањето на границата од Полска кон Источна Германија во два часот наутро. Истиот ден, во 21 часот, имавме закажан концерт во Западен Берлин, а цариникот инсистира да ги прегледа филмовите што ги прикажуваме за време на концертот. Се разбира, на царината немаа проектор за филмови од 35 и 16 милиметри, но тој бараше тие да се донесат на границата од којзнае каде. На крајот, го убедив и тој се откажа од намерата бидејќи во спротивно немаше да стигнеме навреме за концертот во Берлин, кој беше најважниот дел од целата турнеја во однос на пробивот на групата. Имаше многу технички и секакви други пречки за кои се раскажува во монографијата.

Кои критериуми ги користевте за да ги изберете фотографиите што се застапени во книгата?
– Не беше лесно бидејќи морав да изберам 200 фотографии од приближно 570. Критериумот беше определен од самиот концепт на монографијата, имено, ја напишав како „роуд филм“, па ги избрав фотографиите со намера да бидат прочитани, а текстот да биде гледан, едната ја поддржува другата, секако продуктивна манипулација, што значи апсолутно во согласност со манифестните упатства и во духот на „Лајбах“.
Медиумите често Ве опишуваат како „поранешен член“ на „Лајбах“, иако вашата улога – како дел од „Лајбах Кунст“ – беше првенствено фотографска и документарна. Дали оваа разлика Ви е важна и колку често морате да ја појаснувате?
– Кога станува збор за „Лајбах“, важи истото како и за полицајците: еднаш полицаец – секогаш полицаец. Значи: засекогаш „Лајбах“. Сите ние што бевме на таа турнеја бевме први во борбените редови. За личните одговорности или улогата на поединецот во „Лајбах“ не се зборува јавно бидејќи сè е дело и замисла на колективот. Чист колективизам, но и анонимност. Сепак, фотографирањето и документирањето не ми беа баш задача на почетокот; никому не му беше ниту наложено да го прави тоа. На промоцијата на монографијата во Љубљана, Иван (Јани) Новак изјави дека воопшто не ни знаел оти го правам тоа. Сепак, по завршувањето на турнејата Occupied Europe Tour“во Лондон, во неделникот „Младина“ објавив фоторепортажа за целата турнеја потпишувајќи се како Теодор Лоренчич – воен известувач, по одлука и налог на „Лајбах“.
Меѓутоа, секој што ја прочитал мојата монографија знае каков беше мојот статус; ова е детално објаснето во поглавјето во кое ги опишувам клучните настани во Берлин – поточно, како само три часа пред најважниот концерт на турнејата, „Лајбах“ беше на работ да се распушти и да го откаже шоуто.
„Лајбах“ систематски ја користеше иконографијата на тоталитаризмот за да ја разоткрие самата логика на моќта. Од Ваша перспектива зад објективот, дали таа стратегија изгледаше поразбирливо – или можеби дури и поризично – одблиску отколку за надворешен набљудувач?
– Тоталитаризмот може да поприми разни форми и содржини. Начинот на кој тој се доживува зависи од политичкиот, економскиот и од културниот контекст во кој живее поединецот. „Лајбах“ претставува огледало на секој можен тоталитаризам – токму затоа е толку универзално контроверзен и субверзивен, а воедно и „најопасниот бенд во светот“, како што го дефинираа американските критичари за време на турнејата во Америка. Не смееме да заборавиме дека тоа беше време на големиот планетарен подем на неолиберализмот. Се покажа дека тоталитаризмот е универзална и сеприсутна склоност на човечкиот политичко-економски ум.
Тогашните, како и денешните т.н. демократски системи, едноставно користат поинакви методи или форми на манипулација од оние на еднопартиските режими. И едните и другите манипулираат; тие само имаат разни гледишта за собирањето, обработката и дистрибуцијата на информациите. Целта беше тоа да биде разбирливо за секого на свој начин – и на Истокот и на Западот. Оние што не ги разбраа овие размислувања нè прогласуваа за нацисти – и сè уште го прават тоа – бидејќи се препознаваа во нас; се разбира, тоа не им беше ниту јасно ниту прифатливо, па нè забранија нас наместо да се забранат самите себеси. Но тоа е секогаш и намерата на „Лајбах“: самопрепознавање преку недоразбирање. „Лајбах“ функционира како лакмусов тест и никогаш не му било приоритет да биде разбран.

Со објавувањето на овој материјал дали чувствувате дека сте заокружиле нешто лично или, пак, сте отвориле нова фаза во разбирањето на она што навистина претставуваше „Лајбах“ во 1983 година?
– На некој начин – сè од наведеното. „Лајбах“ и денес е истиот оној од 1983 година. Единствено, се менуваа формите и оперативните концепти,во согласност со технолошките промени и развојот, односно опаѓањето на општествата. Веќе 46 години „Лајбах“ работи и создава исклучиво во согласност со десетте точки од Манифестот објавен во 1982 година. И тоа успешно го прави во сите времиња, ситуации и услови и режими. Во третата точка од Манифестот е наведено дека секоја уметност е подложна на политичка манипулација, освен онаа што го говори јазикот на самата таа манипулација; токму тоа го прави „Лајбах“ на својот последен албум Musik, односно врши манипулација на манипулацијата.
Вашата збирка „За љубовта“ го опфаќа периодот од 1969 година па наваму – што значи дека пишувате за љубовта повеќе од педесет години. Дали денес би му ја укажале истата доверба на зборот „љубов“ како младиот човек што почнал да пишува пред половина век или неговото значење за Вас претрпело целосна трансформација?
– Тоа е збирка од собрани песни. Мојот словенечки поетски опус (1969 – 2014). А што друго би можело да биде тема на поезијата ако не љубовта? И албумот на „Лајбах“ од 2023 година го носи насловот: „Љубовта е сè уште жива“. Така било отсекогаш. Сè друго, според мене, е предмет на епови, романи и драми, а дури и таму е невозможно да се избегне љубовта. Љубовта и трагедијата се два ентитети поврзани со човештвото, па затоа сметам дека не станува збор за верба во тој збор, туку за објективно неизбежен онтолошко-етички факт на постоењето.

Од доаѓањето во Белград, покрај монографијата, имате објавено неколку книги од разни жанрови, а сега пишувате главно трилери…
– Да, белградскиот период е најплодоносен за мене досега; во тоа време напишав многу, секако по една или повеќе книги годишно, бидејќи изработив и две драматизации на романи од други автори.
Уште во 2019 година беше објавена мојата прва збирка песни напишани директно на српски јазик, „Некои други песни“ („Нова поетика“). По неа, следуваше книгата со песни „Во тишините на љубовта“ („Службен гласник“, 2022), која го претставува мојот поетски опус на српски јазик – избор на песни од пет збирки што ги напишав во текот на првите три години од мојот живот во Белград. Исто така, во 2022 година беше објавен и мојот еротски љубовен роман „Марго“ („Утопија“); книгата излезе и на англиски јазик во Србија, и на словенечки јазик – во мој превод – во мојата татковина. Станува збор за контроверзен роман, кој претставува сериозен предизвик за патријархалниот концепт на општеството и воспитувањето; тој раскажува за „забранета“ љубов, во која една 25-годишна девојка сака маж постар од неа 42 години, па така темата е Електра-комплексот – за кој се одговорни татковците, што претставува големо табу во патријархалните општества. Некои луѓе го обожаваат тој роман, но има и такви што по таа книга, дури и престанаа да разговараат со мене. Значи, подобро не може да биде.
Потоа се свртев кон криминалистичкиот жанр, па така во 2025 година издавачката куќа „Нова артија“ објави два криминалистички романи: „Идеални убиства“ и „Одмазда на вистината“, во кои главен лик е необичниот инспектор Ади Штрос, кој се обидува да ја реши енигмата на осум убиства. Тие две книги годинава се објавени и во Словенија, исто така во мој превод. А во текот на летово пишувам филмско сценарио за словенечкиот режисер Игор Зупе – трилер за кој не сакам да зборувам повеќе, но се надевам дека ќе го завршам до септември. Она што особено ме радува е фактот што сите овие книги, вклучително и монографијата на српски и англиски јазик, доживеаја второ издание, а некои се пред трето.
Работите со два сосема различни креативни јазика: збор и слика. Кога ќе се појави чувство или момент, како одлучувате дали му е потребна песна или фоторамка?
– Секако, за мене, зборот е на прво место. „На почетокот беше зборот/логос“. Тоа е првата реченица од Стариот завет. За мене, фотографијата е прашање на одредена ситуација или пригода. И знам како да фотографирам локации и изрази за потребите на пишување роман. И ова се фотобелешки што понекогаш ги објавувам на моите профили со соодветен текст. И тоа е, всушност, ПР, на тој начин им најавувам нова книга на читателите, која веќе е во процес на пишување.
Исто како и негативите од турнејата што со децении си стоеја во една кутија, дали и вашите стихови чекаа со години пред да се најдат во книга или поезијата ја пишувавте и објавувавте паралелно со текот на животот?
– Стиховите не чекаат; животот е тој што чека на стихови – и токму затоа, понекогаш тие, едноставно, не доаѓаат. Можеби се таложат некаде во умот, дури и несвесно. Приказната со фотографиите го потврдува тоа; всушност, не ги чував намерно, туку ги бев затурил. Ги најдов додека се селев во Белград; да не се преселев, можеби никогаш немаше ни да ги најдам. Всушност, јас никогаш ништо не чувам; едноставно, го трошам животот исто како што и тој ме троши мене. Неизбежно, а понекогаш и прилично сурово.

Вашата фотомонографија за „Лајбах“ се занимава со забрани, движење и историски превирања. Вашата збирка поезија говори за љубовта. Дали станува збор за два спротивни пола на истиот автор или всушност за истиот сензибилитет, што едноставно гледа во разни насоки?
– Станува збор за истата личност во разни ситуации и состојби на умот; сензибилитетот на перцепцијата овде е од суштинско значење. Тој е предуслов за секој чин на творење.
Многу од стиховите веројатно се напишани многу пред некој да очекува дека ќе бидат објавени. Дали пишувањето за Вас некогаш претставувало чин на осаменост – наменет исклучиво за Вас – пред да стане чин на споделување?
– Пишувањето е секогаш чин на осаменост исполнет со емпатија и задоволство. Сепак, никогаш не сум пишувал само за себе; пишував за некој да може да го прочита тоа. Се разбира, пишувам и работи за во фиока бидејќи е подобро тие да бидат објавени дури откога ќе заминам во големото „ништо“. Најверојатно, за тоа ќе се погрижат мојата сопруга и децата.
Се опишувате себеси како аматерски фотограф иако Вашите фотографии се објавени во книга и изложувани на изложби. Дали оваа скромна етикета е искрена самопроцена или намерно дистанцирање од професионалниот свет на уметноста?
– Па, јас не сум школуван фотограф, иако првиот фотоапарат „кодак“ го купив во Австрија додека бев во шесто одделение. Исто така, имав и своја темна комора за развивање фотографии во бањата. Во фотографијата од суштинско значење се чувството за моментот и композицијата, како и разбирањето на односот меѓу брзината на затворачот и отворот на блендата, со што се постигнува вистинскиот израз. Тоа е исто како метафората во поезијата – без неа нема поезија. Сè друго се технички детали, односно прашање на занает, што го совладав преку искуство и читање книги за фотографија.
Што се однесува до моите фотографии, на веќе споменатата промоција во Љубљана, Иван (Јани) Новак рече дека тие се добри токму затоа што не знаев да фотографирам. Му одговорив дека тоа е исто како и со музиката на „Лајбах“ во тоа време – беше добра затоа што тие не знаеја да свират. Сите се насмеавме на таа парадоксална вистина. А и сликите на Пикасо, кои претставуваа раскин со традицијата и воспоставениот стил – во споредба со мајсторите од минатото – изгледаат како Пабло да не знаел да слика. Тоа отсекогаш било и ставот на авангардата – кога таа навистина сакала да биде тоа – нешто што претходно никогаш не било видено.




