Министерот за внатрешни работи на Австрија Карл Нехамер потврди дека напаѓачот кој беше убиен од полицијата при синоќешниот терористички напад во Виена имал потекло од Македонија.

Тој не го објави неговиот идентитет, но кажа дека имал 20 години и поголемо криминално досие. Нехамер претходно го опиша убиениот напаѓач како исламистички терорист и симпатизер на Исламска држава.

– Тој носеше автоматска пушка, пиштол, мачета и лажен елек со експлозив. Освен австриско, поседувал и македонско државјанство, рече Нехамер.

Бројот на загинати цивили во пукањето што се случи во самиот центар на Виена порасна на четири, откако на повредите им подлегнала уште една жена. Вкупно 17 луѓе се примени во болница.

Австриските власти не го соопштуваат идентитетот на убиениот напаѓач, но главниот и одговорен уредник на магазинот „Фалтер“, Флоријан Кленк тврди дека се работи за Албанец со потекло од Македонија.

– Се вика Куртин С., роден е во 2000 година во Виена, каде и пораснал. Од албанско потекло е, а неговите родители се од С. Македонија и немаат никаква врска со исламизам, напишал овој познат австриски новинар на Твитер.

Тој вели дека убиениот бил познат на Службата за борба против тероризам, затоа што бил еден од 90 австриски исламисти кои пробале да отпатуваат во Сирија.