Триесет и деветгодишен возач загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани. Сопатничката и двете малолетни деца поради здобиените повреди се пренесени во штипската Клиничка болница.

Пријавата во СВР-Штип е во 02:24 часот, изјави за МИА Гордана Панајотова, портпарол на СВР-Штип.

Несреќата се случила во близина на клучката кај селото Крупиште, а според првичните информации, во несреќата учествувало само едно возило. Автомобил марка рено „лагуна“ со скопски регистерски таблички излетало од коловозот, а од здобиените повреди починал возачот И.М од Скопје.

Увидот во несреќата е во тек. Сообраќајот на експресниот пат Штип-Кочани се одвива по двете коловозни ленти.

На овој експресен пат од почетокот на годината досега во три тешки сообраќајки, животите ги загубија пет лица.

МВР со детали за тешката сообраќајка на патот Штип -Кочани

Скопјанец загина, а неговата сопруга и двете малолетни деца на возраст од 8 и 13 години се повредени откако со возило излетале од експресниот пат Штип -Кочани.

Несреќата информира МВР, се случила доцна синоќа околу 02:45 часот во близина на село Крупиште.

Со возилото управувала С.М.(34) од Скопје, кое излетало надвор од коловозот.

-По несреќата, возачот и сопатниците И.М.(39) од Скопје и двајца малолетници биле пренесени во Клиничка болница Штип, каде што кај И.М. била констатирана смрт, додека кај возачот и малолетниците биле констатирани телесни повреди, информира МВР.

Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Штип.

На овој експресен пат од почетокот на годината досега во три тешки сообраќајки, животите ги загубија пет лица

Фото: Архива