Кинески бомбардер со голем дострел за првпат изврши полетувања и слетувања од и на остров во Јужното Кинеско Море, соопшти весникот „Женмин жибао“.

Во соопштение на Министерството за одбрана во Пекинг стои дека вежбите биле спроведени на остров, без да наведе каде и кога. Во документот само се информира дека вежбите биле неодамна и во „зоната на морето на југ“.

Во маневрите учествувале неколку авиони од типот H-6K на кинеските воздухопловни сили. Тие полетувале, симулирале напади врз морски цели и слетувале, соопшти Министерството.

Пентагон го критикуваше однесувањето на Пекинг, дефинирајќи го како „континуирана милитаризација“ во спорното Јужно Кинеско Море. Според портпаролот на американското Министерство за одбрана, Кристофер Логан, овие воздушни маневри „ги зголемуваат тензиите и го дестабилизираат регионот“.