Автомобил стар 98 години ќе биде дел од изложбата на олдтајмери, во рамки на годинашниот „Тиквешки гроздобер“, соопштија на денешната прес-конференција, посветена на традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација што ќе се одржи на 4, 5 и 6 септември во Кавадарци.
Организаторите најавија богата програма, што започнува со гроздоберска трпеза, па продолжува со други настани како промоција на монографија „50 години – Музеј галерија“, тајна дегустација на вино, мото-рели и таблијада, голем карневал, детски карневал, многу музика, меѓу другото и настап на „Нокаут“ и Жељко Самарџиќ.
Претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Стојанче Рамов потсети дека традицијата на манифестацијата е почната од 1964 година, по мотив на богот Дионис – богот на виното.
– Традиционално, во изминатиот период се покажавме како одлични организатори, овозможувајќи сите заинтересирани од земјава и странство, да го видат нашиот белег, да ја видат нашата традиција и да видат што е и како функционира „Тиквешкиот гроздобер“ – истакна Рамов.
Од буџетот на Општина Кавадарци за оваа културна манифестација, „Тиквешки гроздобер“, се издвојуваат 6 милиони денари.

– Морам да признаам дека за самата реализација на „Тиквешкиот гроздобер“ во целиот габарит со сите форми и содржини, севкупната вредност изнесува околу 11 до 12 милиони денари, од кои 5 до 6 милиони денари ги обезбедуваме од општествено-одговорни фирми на територијата на општина Кавадарци, затоа што прославата е заедничка и прославата е на сите, кои имаат каков било удел во кавадаречкото општество – подвлече Рамов.
На секој од трите влеза во општина Кавадарци и годинава секое возило со посетители ќе добие на подарок – пакетче спакувано грозје за гостопримство.
На прес-конференцијата беше кажано дека се очекува рекорден број посетители.




