Компромисот меѓу Атина и Скопје, договорен меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Брисел, е „Република Северна Македонија“, пишува денес „То вима“.

Алтернатива, исто така прифатлива, е „Горна Македонија“, додава весникот, кој истакнува дека и двете варијанти Скопје „ги прифаќа под притисок на Берлин“.

Иако Атина одбива ова да го потврди, сепак, „То вима“ пишува дека е догорено новото име да биде и за меѓународна и за билатерална комуникација, односно ерга омнес.

Се очекува долгоочекуваниот телефонски разговори меѓу Ципрас и Заев да биде денес кога ќе се договараат наредните чекори. Според некои извори, доколку двајцата премиери постигнат договор, сето ќе се формализира на симболична средба. Потоа документот ќе се ратификува од македонскиот парламент, и ќе се поднесе пред ОН, како анекс на извештајот на медијаторот Метју Нимиц.

И Атина ќе испрати писмо до генералниот секретар на ОН со кое ќе информира дека е постигнато заедничко прифатливо решение за името.

Клучен момент е што Грција ќе биде линкот меѓу НАТО и ЕУ при што ќе ги информира за временската рамка кога ќе се случат промените на македонскиот Устав, зашто името ќе биде и за внатрешна употреба.