Поради топлотен бран во земјава денеска и утре бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.

Овие препораки беа донесени на вчерашната седница на Владата откако УХМР ги информираше институциите дека денеска и утре територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури – портокалова фаза. Температурите на повеќето места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните подрачја и над 40 степени.

Владата ги донесе следните препораки:

-Ослободување од работните обврски на најранливите групи на население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата, (градинките) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11:00 до 17:00 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот, се наведува во соопштението.

Согласно овие препораки, Владата донесе заклучоци државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките.

Се препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Работното време во градинките да се организира во периодот од 7:00 до 17:00 часот, при што да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Ова особено се однесува на градежните работници, се наведува во сопштението од Владата.

Под влијание на топол бран денеска и утре температурите на повеќето места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните подрачја и над 40 степени.

Како што соопшти УХМР, за време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, а ќе има услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Температурите значително ќе се намалат.

Минималните температури ќе се движат од 13 до 24 степени, а максималните од 28 до 42 степени. УВ-индексот ќе биде 8.

Портокалово ниво на опасност, денеска и утре температури и над 40 степени

Топол бран со температури и над 40 степени ќе ја зафати земјава денеска и утре. На целата територија на државата ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.

Во петок во текот на ноќта ќе има зголемена облачност со појава на повремени врнежи.

Иако кај нас е застапена умерено-континентална и субмедитеранска клима, според синоптичарите, временските прилики кои ги имаме ова лето – високи температури и врнежи, наликуваат на тропски климатски услови.

Тропската клима се карактеризира со високи температури кои достигнуваат до 40 степени Целзиусови. Врне секој ден, претежно во попладневните часови, а честопати има и невреме.

Денот во кој температурата на воздухот е повисока од 30 Целзиусови степени е тропски ден. Тоа е карактеристично за подрачја со тропска и суптропска клима, но во текот на летото вакви денови бележат и региони со умерено-континентална клима.

Во случај температурата на воздухот да остане или да биде повисока од 25 степени во текот на ноќта, тогаш тоа е тропска ноќ, појаснуваат синоптичарите.

Екстремни топлотни бранови годинава ја зафатија северната земјина хемисфера, а особено Европа, која преживува едно од најтоплите лета, уривајќи ги долгогодишните температурни рекорди.

Според информативната мрежа за временска прогноза и клима Climatebook, јуни годинава бил втор најтопол јуни во Европа и трет најтопол јуни на глобално ниво од 1981 година.

Месечното температурно отстапување во Европа изнесувало +2,04°C во однос на просечната вредност во периодот 1981-2010 година и +1,57°C во однос на периодот од 1991 -2020 година. Соодветните глобални вредности беа +0,48°C и +0,30°C.

Во Европа топлотниот бран се смета како најлош во последните 200 години, предизвикувајќи пожари во Шпанија, Португалија, Франција, Грција. Температурни рекорди од над 40 степени забележаа Франција и Велика Британија.

Во Обединетото Кралство и умерените климатски региони на Европа, дури и престојот во затворен простор летово не е доволен за да се избегнат опасно високите температури. Домовите во овие области се дизајнирани да одржуваат топлина во текот на зимата и немаат климатизација. Во Велика Британија, според извештаите на тамошните метеоролошки служби, секој петти дом се прегреал во текот на летото.

Топлотните бранови  во Европа ја влошуваат и состојбата со енергетската криза. Како што домаќинствата и деловните субјекти ги вклучуваат своите климатизери, побарувачката за електрична енергија се зголемува, а растат и цените на струјата во услови на ограничен пристап до енергенси поради војната во Украина.

Топлото време е проследено и со суша која се шири низ Европа, што предизвикува проблеми во земјоделството, речниот сообраќај и производството на хидроенергија.