Здравствените власти предупредуваат дека треба поголема внимателност кога се престојува во природа оти топлото време предизвика змиите-отровници да почнат да шетаат низ планините, на карпите, да ги има под големите камења, но и покрај реките каде има високи треви и бујна вегетацијата.

Биолозите пак укажуваат дека треба да се има предвид оти змиите се влекачи кои се плашливи по природа, не ги напаѓаат луѓето и препорачуваат да не се задеваат.

Змии има и во парк-шумата Водно, затоа се препорачува рекреативците да бидат повнимателни и доколку им се случи да бидат каснати, да не ги фаќа паника, веднаш да се јават на лекар и да го примат противотровот. Во случај ако сте во природа и треба брзо да се интервенира, тогаш треба превентивно да се имобилизира просторот со лесно подврзување над каснувањето.

Лекарите велат дека антивитеринумот, односно серумот-антиотров треба да се употреби во рок од 24 часа. Во моментов во земјава го има во доволни количини. Него треба да го поседуваат сите болници во земјава и итната медицинска помош, бидејќи противотровот го нема во редовна продажба во аптеките. Тој треба да се чува во специјални услови, а во обичните аптеки тоа не е можно.

Скопската итната медицинска помош исто така располагаат со ваков серум и се подготвени да интервенираат доколку некој граѓанин го побара тоа од нив. Со противотрови треба да бидат обезбедени и граничната полиција, како и војската, особено кога оди на терен.

скопјеинфо.мк