Македонија денес има најниско ниво на криминалитет во последните 20 години. Бележиме намалување на вкупниот криминалитет. Постигната е вкупна ефикасност од 69 проценти, а значително е зголемен и бројот на откриени сторители. Овие резултати се потврда за посветената работа на полициските службеници, подобрената координација и навременото постапување на терен. Особено значајни се резултатите во борбата против организираниот криминал. Сузбиени се над 30 организирани криминални групи, кои дејствувале во различни области – од недозволена трговија со дрога и корупција, до криумчарење мигранти, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари, трговија со луѓе и други тешки облици на криминал. Зад овие бројки стојат пресечени криминални канали, спречени незаконски активности и испратена јасна порака дека никој не е над законот и дека институциите имаат капацитет да се справат со најсериозните безбедносни предизвици, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во отчетот за сработеното во изминатите две години.
И во областа на корупцијата, напомена Тошковски, се постигнати значајни резултати. Бројот на сузбиени организирани криминални групи со коруптивно делување е зголемен за 50 проценти. Сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 физички и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1.000, што претставува значителен пораст во однос на претходниот период. Со овие постапувања беа прекинати незаконски практики и коруптивни активности во повеќе области од особено значење за граѓаните и државата.
Видливи резултати, според него, се постигнати и во борбата против недозволената трговија со дрога. Сузбиени се 11 организирани криминални групи, спречени се девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а откриени се и три импровизирани лаборатории. Откриени се над 1.600 кривични дела, со пријавени околу 1.900 сторители, додека запленети се околу 6,2 тони разновидна наркотична дрога. Особено значајно, додаде, е тоа што заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300 проценти, што укажува на зајакнатите капацитети за откривање и спречување на меѓународните канали за трговија со дрога.
-Успешни резултати се постигнати и во спречувањето на недозволената трговија со оружје. Запленети се над 550 парчиња оружје, сузбиена е една поликриминална организирана група, а забележан е и значителен пораст на запленетата пиротехника. Преку регионална и меѓународна соработка беа спречени и обиди за нелегален транспорт на оружје кон нашата држава. Позитивен тренд бележи и имотниот криминал. Бројот на тешки кражби и кражби е намален за повеќе од 30 проценти, додека разбојништвата и разбојничките кражби се намалени за над 40 проценти. Овие резултати значат поголема сигурност во секојдневниот живот на граѓаните и поголема безбедност во локалните заедници. Кај насилниот криминал, бројот на извршени убиства е намален за 4 проценти. Особено е значајно што, покрај тековното постапување, Министерството успеа да расветли и повеќе тешки убиства извршени во претходните години. Со професионална и темелна истрага беа расчистени случаи кои подолг период предизвикуваа загриженост во јавноста, а нивното расветлување претставува важен придонес во зајакнувањето на чувството на правда и безбедност кај граѓаните, рече министерот.
Сите овие резултати, оцени, се доказ за посветеноста, професионалноста и истрајноста на полициските службеници.
-Тие се и потврда дека со континуирано вложување во човечките капацитети, современи методи на работа и меѓуинституционална соработка, можеме уште поефикасно да одговориме на предизвиците и да обезбедиме побезбедна иднина за сите граѓани, подвлече Тошковски.
Една од најважните обврски на МВР, рече министерот, е да обезбеди брзи, достапни и ефикасни услуги за граѓаните.
-Пред две години се соочивме со сериозни предизвици во процесот на издавање лични документи. Денес, тој систем функционира стабилно, предвидливо и без застој. Воспоставен е предвидлив систем за закажување термини и навремено издавање патни исправи, лични карти и возачки дозволи, со што значително се подобри квалитетот и достапноста на услугите за граѓаните. Истовремено инвестиравме во подобрување на условите и достапноста на услугите. По две децении беше реконструирано Одделението за управни работи во Скопје, во зградата на МРТВ, а нови простории беа отворени и во Струга. Отворивме и нови канцеларии за управни работи во Јегуновце, Липково, Сарај, Желино, Жеровјане, Долнени и Демир Капија, како и канцеларија за прием на барања и издавање лични документи во Шуто Оризари. Со тоа ги доближивме услугите до околу 200.000 граѓани, а само во текот на една година во овие канцеларии беа реализирани над 20.000 услуги, нагласи Тошковски.
Според него, Министерството успешно постапуваше и по барањата за издавање одобренија за набавка на оружје, обезбедувајќи навремено и ефикасно решавање на предметите согласно законските процедури при што решени се 15.000 предмети.
-Продолживме и со дигитализацијата на услугите. Граѓаните денес преку Националниот портал за е-услуги можат електронски да добијат уверение за државјанство, потврда за моментална сопственост на моторни возила, потврда за поседување моторни возила за определен временски период, како и потврда за точна адреса на живеалиште. Дополнително, воспоставено е и поврзување со електронските евиденции на судовите, со што се забрзуваат административните постапки и се намалува потребата граѓаните сами да обезбедуваат документи од различни институции. Во делот на дигитализацијата, воведено е електронско аплицирање за добивање дозвола за оружје за физички лица, со што се овозможува побрза и поедноставна постапка, без чекање на шалтери, без дополнителни потврди и со намалување на непотребните трошоци за граѓаните, посочи Тошковски.
Овие резултати, рече, значат помалку чекање, помалку административни пречки и институција која е поблиску, подостапна и повеќе во служба на граѓаните.
-Еден од најзначајните проекти што ги реализиравме е проектот „Безбеден град“ – проект за кој со години се зборуваше, но никој не се осмели да го спроведе. Ние го реализиравме и го ставивме во функција, претворајќи го во еден од клучните механизми за унапредување на безбедноста и модернизација на полициското работење. Проектот опфати модернизација на постојниот систем во Скопје, Тетово, Куманово, коридорите 8 и 10 и негово проширување на национално ниво, преку воведување современи технологии за видео надзор и автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци. Особено значајни се првичните резултати од функционирањето на системот. Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележано намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година. До 22 јуни 2026 година, преку системот се регистрирани над 120.000 сообраќајни прекршоци, од кои повеќе од 95 проценти се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, информира Тошковски.
Со предвидената динамика, до крајот на 2026 година се очекува проектот „Безбеден град“ да биде целосно имплементиран на територијата на државата, опфаќајќи ги поголемите градови и главните патни правци, со што ќе се постават темелите на модерен, ефикасен и превентивно ориентиран систем за заштита на безбедноста на граѓаните.
Министерот во отчетот се осврна и на безбедносните предизвици, истакнувајќи ја соработката на македонската полиција со меѓународните партнери.
-Во изминатите две години, македонската полиција ја зајакна својата улога како доверлив и активен партнер на Европол и Интерпол, учествувајќи во бројни меѓународни операции насочени кон сузбивање на организираниот криминал, недозволената трговија со дрога и оружје, криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и фалсификувањето пари. Заедно со нашите европски и меѓународни партнери придонесовме во разбивање на криминални мрежи и спроведување на заеднички истраги со конкретни резултати. Истовремено, ги унапредивме капацитетите за брза и безбедна размена на информации, воведовме современи алатки и системи и ја зацврстивме позицијата на Министерството како институција која не само што ги следи, туку активно ги применува најдобрите европски и светски практики, рече Тошковски.
Особено значајно, потенцира, е што Македонија беше домаќин на повеќе регионални и меѓународни настани и операции под покровителство на Европол и Интерпол, а во 2026 година е и домаќин на Заедничкиот координативен центар во рамки на EMPACT операцијата „Global Chain“. Тоа е признание за професионалноста, кредибилитетот и довербата што македонската полиција ја ужива кај своите меѓународни партнери. Според него, овие партнерства значат поголема безбедност за нашите граѓани, побрзо откривање на прекуграничниот криминал и уште поефикасна заштита од современите безбедносни закани.
-Овие резултати се потврдуваат и преку интензивираната меѓународна полициска соработка. Во 2024 и 2025 година, преку каналите на Интерпол, Европол, СЕЛЕК и офицерите за врска, бележиме пораст од над 31 проценти во бројот на отворени предмети и разменети информации во однос на претходниот двегодишен период. Истовремено, значително е зголемен и бројот на реализирани екстрадиции, што претставува уште една потврда за ефикасната соработка со меѓународните партнери и јасната порака дека сторителите на кривични дела не можат да сметаат на граници како пречка за правдата, потсети министерот кој детално се осврна и на активното учество на МВР на повеќе меѓународни форуми и конференции, како и на потпишаните билатерални акти со кои се унапреди меѓународната полициска и безбедносна соработка.
Тошковски зборуваше и за состојбите во МВР.
-Во март 2025 година беше реализирано зголемување на платите за 10 проценти, а во 2026 година и дополнително линеарно усогласување на платите согласно минималната плата, како признание за посветеноста и одговорноста на полициските службеници и сите вработени во МВР. Во насока на унапредување и дигитализација на работните процеси, беа развиени и имплементирани повеќе софтверски решенија за потребите на Министерството. Меѓу нив се нов софтвер за Хеликоптерската единица за следење на пилотите и леталата, софтвер за автоматска изработка на извештаи во Сообраќајната единица и систем за статистички анализи во областа на јавната безбедност. Во употреба се ставени модернизирани веб-апликации за потраги по оружје и моторни возила, а во тест-фаза е решение за поврзување на потрагите со базите на Интерпол. Дополнително, надградени се системот за евиденција на сообраќајни незгоди и разузнавачките евиденции, додека електронското поврзување со судовите значително го скрати времето за проверки – од повеќе месеци на еден ден, рече Тошковски.
Меѓу позначајните активности, го посочи пуштањето во употреба на новата полициска станица во Бутел.
-По повеќе од три децении работа во стар и несоодветен објект полициските службеници добија достоинствени услови за работа. Во завршна фаза е и новата Полициска станица Аеродром, исто така во тек е реновирање на објектот „11 Октомври“ кој ќе биде нов објект на СВР Скопје. Воедно почнавме и со подготовка на документација за нов објект на Полициска станица Кисела Вода. Беа подобрени условите во управните служби во повеќе градови, реализирани се зафати во полициските центри и службените објекти низ државата, обновени се капацитетите на одморалиштата на МВР, а со поддршка на меѓународни партнери беа унапредени и просторите наменети за работа со жртви на семејно насилство, како и капацитетите за службените кучиња. Во делот на логистиката, беше модернизиран сервисот за возила, набавени се околу 140 возила реализирани се значителни заштеди преку зголемување на сопствените сервисни капацитети, набавена е нова униформа за специјалната полиција како и чизми и чевли за униформираните полициски службеници. Сето ова претставува инвестиција во луѓето, во подобри услови за работа и во создавање на посовремена, поефикасна и поподготвена полиција, која ќе може уште поуспешно да одговори на потребите и очекувањата на граѓаните, потенцира министерот.
Паралелно со оперативните резултати, МВР, според Тошковски, работеше и на унапредување на законската рамка.
-Ги донесовме измените на Законот за безбедност на сообраќајот, со што се создадоа услови за имплементација на проектот „Безбеден град“ и поефикасно процесуирање на сообраќајните прекршоци. Донесовме и измени со кои се забрани употребата на пиротехнички средства во затворен простор, а во тек се подготовките на повеќе реформски законски решенија за модернизација на Министерството, унапредување на полициското работење, зајакнување на заштитата од семејно насилство и понатамошно усогласување со европските стандарди. Исто така изготвени се и предлог-измените за користење на електрични тротинети, со цел воспоставување појасни правила и унапредување на безбедноста во сообраќајот. Довербата во полицијата не се гради само преку резултати во борбата против криминалот, туку и преку подготвеноста институцијата да постапува професионално и неселективно и кога станува збор за сопствените редови, истакна министерот.
Потсети дека во таа насока е донесена Антикорупциската програма на Министерството за внатрешни работи за периодот 2026–2028 година и Акцискиот план за нејзина реализација, насочени кон јакнење на полицискиот интегритет, етичките стандарди и професионалната одговорност.
-Во однос на постапувањето во втор степен по работни односи, податоците покажуваат дека во најголем дел првостепените органи правилно ги применуваат законските одредби. Во 2025 година Државната комисија уважила 7,42% од приговорите, додека 68,16% се одбиени, при што е забележан и значителен пораст на бројот на предмети во однос на претходната година. Во изминатиот период беше постапено по 1.567 предмети, поднесени се 62 пријави и 808 предлози за поведување дисциплинска постапка. Овие бројки не зборуваат за поголема толеранција кон неправилностите, туку токму спротивното – дека нема недопирливи и нема селективност, дека институцијата постапува секогаш кога постојат основи за тоа, без разлика на функцијата, позицијата или работното место. Само со доследна примена на законите, високи професионални стандарди и еднаква одговорност за сите, можеме да ја зајакнеме довербата на граѓаните и интегритетот на македонската полиција, порача Тошковски.
Министерот ја истакна и важноста на човечкиот капитал. Уште еднаш кажа и дека по долг временски период, повторно почнува со работа Средното полициско училиште.
-Од 1 септември оваа година, 25. класа ќе започне со настава и повторно ќе се создаваат нови генерации млади луѓе кои уште од најрана возраст ќе ги усвојуваат вредностите на професионалноста, дисциплината, интегритетот и службата кон граѓаните. Ова не е само враќање на едно училиште. Ова е враќање на една традиција и инвестиција во иднината на македонската полиција. Истовремено, спроведовме темелна реформа на основната полициска обука. Изготвивме нови наставни програми усогласени со современите безбедносни предизвици и потребите на различните полициски служби. Обучивме 500 нови полициски службеници, а во тек е постапката за прием на уште 150 кандидати, кои ќе го зајакнат капацитетот на Министерството во годините што следат. Особено значајно е што Полициската академија ја доби реакредитацијата од ИАДЛЕСТ – Меѓународната асоцијација на директори за стандарди и обука за спроведување на законот. Тоа претставува меѓународно признание дека обуките што ги спроведуваме ги исполнуваат највисоките професионални стандарди и се споредливи со најдобрите светски практики, рече Тошковски.
Според него, на иницијатива на нашето МВР беше формирана Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа. Со осум земји-членки и со Македонија како прв претседавач, нашата Полициска академија прераснува во регионален центар за размена на знаења, искуства и современи методи на полициска обука.
-За да обезбедиме достоинствени услови за учење и професионален развој, вложивме и во инфраструктурата на Центарот за обука. Комплетно се реконструирани сместувачките капацитети, спортските сали, теретаната, училниците, кујната и управната зграда. Во тек се дополнителни инвестиции – реконструкција на затворениот базен и Криминалистичкиот музеј, изградба на нови капацитети за континуирана обука и уредување на дополнителен простор од 10,5 хектари, каде ќе се изградат современи полигони, стрелиште и терени за тактичка обука. Силна и модерна полиција не се создава преку ноќ. Таа се гради со визија, со вложување во луѓето и со верба дека најголемата гаранција за безбедна иднина се добро обучени, мотивирани и професионални полициски службеници, напомена министерот.
Тошковски најави дека ќе продолжи да се залага за подобри услови за работа, современа опрема, професионален развој и достоинствен статус на секој припадник на Министерството за внатрешни работи.
-Силно Министерство се гради со мотивирани, обучени и почитувани луѓе. Во следниот период остануваме целосно посветени на продолжување на реформските процеси, понатамошно јакнење на институционалните капацитети и уште поефикасна борба против сите форми на криминал. Нашата цел останува јасна – безбедна држава, стабилен систем и силни институции во служба на граѓаните, заклучи Тошковски. мч/дма/
фото/видео: МВР




