Министерството за внатрешни работи ќе ги процесуира сите постапки коишто ги има врз основа на докази и факти, за секој од оние коишто досега биле „недопирливи“ и чиешто име и презиме не смеело ни да се каже во рамки на истражните органи, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по работниот состанок со Управувачкиот комитет за управување кризи.
Во врска со вчерашните обвинувања од страна на опозициската СДСМ за неговиот имот, Тошковски рече дека очекувал да биде нападнат од друга опозициска партија, со оглед на поднесената кривична пријава од страна на МВР против внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но, како што рече, СДСМ со ваквите обвинувања излегува заштитник и покровител на криминалите коишто ДУИ ги има сторено во минатото.
Тој очекува во иднина да има уште пожестоки напади.
„МВР во иднина нема да брка вештерки како досега, туку ќе биде насочено врз основа на конкретни докази, особено за дејствија коишто се на штета на буџетот на државата и на штета на македонските граѓани. Секој којшто се огрешил треба да одговара пред органите на прогонот. Жалам што на таков низок и дрзок начин беа фрлани пердуви и беше манипулирана јавноста во текот на вчерашниот ден. Верувајте ми, вистината ќе излезе на виделина“, рече министерот.