Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на обуката за истраги и кривично гонење на кривични дела поврзани со дроги во Полициската академија во Скопје.

Обуката, организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, е дел од проектот за поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за дроги и е насочена кон унапредување на капацитетите за водење сложени истраги преку поврзување на криминалистичките и финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники.

Тошковски истакна дека борбата против недозволената трговија со дрога останува еден од приоритетите на Министерството за внатрешни работи и потсети на резултатите постигнати во текот на годинава.

– Годината ја започнавме со откривање на над 10 килограми кокаин, продолживме со една од најголемите акции во која беа одземени над 40 тони марихуана и канабис-биомаса, а реализирани беа и повеќе заплени на марихуана, хероин и синтетички дроги, меѓу кои амфетамин, метамфетамин и МДМА-информираше министерот.

Тој нагласи дека следната фаза во борбата против нарко-криминалот подразбира поголем фокус на откривање и разбивање на криминалните структури и нивната финансиска моќ.

-Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија. Тоа бара силна меѓународна соработка, навремена размена на информации и заедничко дејствување – потенцираше министерот Тошковски.

На полициските службеници и истражители кои ќе ја посетуваат обуката, министерот им порача дека ќе ја имаат целосната поддршка од раководството на Министерството во спроведувањето на сложени истраги и кривични постапки поврзани со овој вид криминал.

На отворањето на обуката присуствуваа и Каролајн Р. Боденхеген од Бирото за меѓународни прашања поврзани со наркотици и спроведување на законот (INL) и Данило Рици, регионален претставник на UNODC за Југоисточна Европа.

Министерот изрази благодарност за поддршката што САД и UNODC континуирано ја обезбедуваат во јакнењето на институционалните и оперативните капацитети на МВР во справувањето со организираниот криминал и трговијата со дрога.