Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека по негова иницијатива до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против членови на дисциплинската комисија во СВР Струмица.
Членовите на Комисијата се товарат дека дозволиле да застари дисциплинска постапка против вработен во СВР Струмица кој бил фатен во кражба на атрефакти од културно наследство, како и за злосторничко здружување и кому му е изречен притвор од 30 дена. Членовите на комисијата дозволиле да истече законскиот рок од 12 месеци и постапката против вработениот застарела.
„Имајќи го предвид ова, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поднесе известување до надлежното Обвинителство и поведување дисциплинска постапка против лицата А.Т. на работно место Главен инспектор за разузнавање во ОКРА при СВР Струмица, Б.К. на работно место командир во ПС од ОН Радовиш и Ј.В. на работно место Помошник началник во СВР Струмица“, соопшти Тошковски на својот профил на Фејсбук.