Секој за кој ќе се најде каков било доказ дека злоупотребил каква било позиција или пак несовесно работел во службата, ќе се постапи согласно закон и ќе биде најстрого санкциониран, заради тоа што ја злоупотребил довербата на македонските граѓани, на Министерството за внатрешни работи и го оцрнил образот и пред колегите свои кои чесно и професионално си ја работат работата, и пред македонските граѓани, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски прашан дали имало полициски службеници кои за 1.400 евра издавале фалсификувани, односно возачки дозволи со повисоки категории на управување на возила од оние кои ги имале во своите оригинални.
-Во текот на вчерашниот ден имаше така поставено прашање од страна на медиумите во Министерството за внатрешни работи, одговоривме дека се постапува по информации добиени од страна на МВР за конкретни сомнежи за кривично дело, кои информации се споделени со Јавното обвинителство, за коишто дејствија Јавното обвинителство донело наредба за преземање на одредени истражни дејствија од страна на внатрешна контрола во рамки на Министерството, рече Тошковски во гостувањето на Тема на денот на ТВ Сител.
Посочи дека во овој момент не сака да споделува повеќе детали за овој предмет, заради тоа што станува збор за дејствија кои се предмет на оперативна обработка од страна на Внатрешна контрола во МВР, односно постојат основани сомненија дека се сторени одредени незаконитости.
-Кога ќе можеме, секако дека ќе ја информираме јавноста. Ова е битна тема и за Министерството за внатрешни работи и за јавноста, секако, не смееме да дозволиме злоупотреба на службена на службена положба, истакна министерот.
Во однос на тоа дали оваа група е поврзана со аферите од минатото за издавање пасоши, рече дека не сака да навлегува во детали во тој дел, но е убеден дека доколку имало построги казни, тоа не би се случило.
-Не би сакал да влегувам во детали во тој дел, но сигурен сум дека ако имаше построги затворски казни со одредени останати мерки коишто може да бидат изречени во рамки на правосилна пресуда спрема оние за коишто беше докажано дека дека злоупотребувале позиција во рамки на МВР, исто во управните служби, сега немаше така лесно да се дрзнат пак истото да го направат, сега не во делот на патни исправи, во делот на возачки дозволи, меѓутоа тоа е исто, заради тоа што имаме злоупотреба на службена положба… основани сомненија за злоупотреба или индикации за злоупотреба на службена положба или несовесно работење во служба во делот на фалсификување на исправи, додаде Тошковски.




