Во организација на фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“, во кочанската населба Оризари се одржа 6. меѓународен фолклорен етно фестивал „Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора“.

– Чувањето на материјалното и духовното наследство, како што се песните, ората, обичаите, е чување на традиционалните и културните вредности. Организирајќи ја оваа манифестација, сите заедно даваме придонес кон тоа и ја пренесуваме традицијата на идните генерации. Посебна благодарност сакам да искажам до месното население кое помогна во реализацијата на фестивалот, донирајќи 16 зелници и 30 литри матеница, истакна Александар Тошев, претседетел на ФА „Љупчо Сантов“.

Годинава првпат, традиционалните ѓурѓовденски обичаи, биењето млеко, подготовката на масло и ѓурѓовденскиот зелник, покрај во Оризари, се прикажаа и во Зрновци.

На двата фолклорни концерта настапија фолклорните ансамбли: „Бјела“ од Херцег Нови, Црна Гора, Македонското културно друштво „Кирил и Методиј“ од Крањ, Словенија, Танцовиот состав од Бобошево, Бугарија, „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, „Кирил и Методи“ од Иловица, Босилево, како и кочанските фолклорни ансамбли „Кочани“, „Руен“ „Љупчо Сантов“ и „Мугри“.

Проектот за меѓународниот етно фестивал е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија, Општина Кочани и од локалниот приватен сектор.