Од судот барам да ми суди за тоа што сум го сторил, но не за тероризам, а единствена грешка ми е што сум се нашол на погрешно место во погрешно време, истакна обвинетиот Влатко Трајковски во завршните зборови на судењето за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Трајковски нагласи дека за да се направи нешто, треба да постои цел, а за да не се случи тоа што се случи, според него, не требало да се отворат вратите во Собратание.

– Сите знаеме дека вратите ги отворија Крсто Мукоски и Сашо Василевски по наредба на тој што порачуваше полици за во село, нагласи обвинетиот Трајковски.

За исказите на обвинетиот, а сега амнестиран Стефан Младеновски, Трајковски рече дека се дознале многу работи, но не и тоа што тој го сторил во Собранието.

– Хари Локвенец во исказот како сведок во овој случај рече дека кога излегол од прес-салата добил удар во глава од лице со качулка од што му пукнала аркадата. Тоа лице е Стефан Младеновски, рече Трајковски.

Во однос на пратеникот Сашко Костов, Трајковски рече дека тој го навредувал и опцул, по што земал пп апарат и го испрскал. Посочи дека пратеникот кренал рака, при што од страв да не биде нападнат Трајкоски му задал два три удари од кои Костов паднал и веднаш станал. За обвинението дека тој ја удира Радмила Шекеринска, Трајковски рече дека на снимките се гледа дека не ја удира тој, туку лицето кое што ја заштитува.