Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше Конгресот поради предлог буџетот кој повторно не предвидува средства за изградба на ѕид на јужната граница со Мексико, што беше клучно предизборно ветување на Трамп.
– Сакам да знам каде се парите за заштита на границата и за ѕидот во овој смешен Буџет, и од каде ќе дојдат овие пари по изборите? Демократите го попречуваат владеењето на правото и граничната безбедност. Републиканците мора конечно да станат решителни, напиша Трамп на Твитер.
Иако претседателот вети изградба на ѕид со кој сака да го спречи влегувањето на илегални мигранти и шверцот на дрога, Конгресот, во кој мнозинството го има неговата Републиканска партија, одбива да изгласа буџет кој ќе ги предвиди потребните средства. Поради тоа Трамп најави дека ќе и нареди на армијата да го изгради ѕидот.
САД се подготвуваат за изборите во ноември, во кои се гласа за нов состав на Претставничкиот дом на Конгресот, и една третина од Сенатот. Некои од републиканските кандидати на изборите настапуваат со ветување дека ќе обезбедат пари за ѕидот, додека кај Демократската партија, најлево ориентираните кандидати најавуваат дека ќе гласаат за укинување на главната мигрантска безбедносна служба ICE.