Претседателот на САД, Доналд Трамп му предложил на шефот на шпанската дипломатија Жозеп Борел да подигне ѕид во Сахара за да ја запре илегалната миграција.
– Затворањето на пристаништата не е решение и изградба на ѕид во Сахара, како што неодамна ми предложи претседателот Трамп, исто така не е решение, истакна Борел.
Поранешниот претседател на Европскиот парламент не наведува кога го добил предлогот од Трамп. Борел само истакна дека на американскиот претседател му одговорил: „Знаете колкава е Сахара“.
Според официјалните податоци на Меѓународната организација за миграција од почетокот на годината во Европа преку Шпанија влегле над 38.000 мигранти. Шпанските енклави Сеута и Мелилја на африканскиот континент се заштитени со шестметарски ѕидови, но тоа не ги обесхрабрува мигрантите да се обидат да преминат на другата страна.
Сахара е долга околу 4.800 километри. Пустината речиси се протега низ целиот северен дел на Африка.