Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс њуз го објасни својот план за постигнување мир во Украина во рок од 24 часа по враќањето на Белата куќа.
Трамп објасни дека ќе му препорача на украинскиот претседател Володимир Зеленски да склучи договор.
Тој нагласи дека има добри односи со Зеленски, но и со рускиот претседател Владимир Путин, додавајќи дека актуелниот претседател Џо Бајден не е способен да се справува со светските лидери.
-Ова се паметни луѓе, вклучувајќи го и Макрон од Франција. Би можел да разгледам цела листа на луѓе, вклучувајќи го и Путин. … Овие луѓе се остри, тешки и генерално пакосни. Тие се злобни и се на врвот на нивната игра. Имаме човек кој нема поим што се случува. Ова е најопасното време во историјата на нашата земја, рече поранешниот американски претседател.
Водителката побара Трамп детално да го објасни својот план за завршување на војната во рок од 24 часа.
-Го познавам Зеленски многу добро, и го познавам Путин многу добро, уште подобро. И со двајцата имав добри односи, многу добри. Би му рекол на Зеленски: „Доста е. Мора да се договорите“. Јас би му рекол на Путин: „Ако не склучите договор, ќе му дадеме многу. Ќе и дадеме (на Украина) повеќе отколку што било кога тие добиле, доколку мораме. Договорот ќе го склучам за еден ден. Еден ден, одговори Трамп.