Сигурен сум дека во еден момент, во иднина, претседателот на Кина, Си Џинпинг и јас, заедно со рускиот претседател Владимир Путин, ќе почнеме со преговори за прекин на тоа што стана голема и неконтролирана трка во вооружување, порача на Твитер американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп наведе дека САД оваа година за војската ќе потрошат 716 милијарди долари:

– Лудо!- коментира Трамп.

Американскиот претседател рече дека со Си има „многу силен и личен однос“:

– Тој и јас сме двајца луѓе кои можат да донесат огромна и многу позитивна промена, во однос на прашањето за трговијата и многу други нешта, помеѓу нашите две нации. Решението за Северна Кореја е добро за Кина и за сите други, порача Трамп.

Како што рече, во американско – кинеските односи во изминатиот викенд е направен голем исчекор, откако со кинескиот претседател Џинпинг во Буенос Аирес се договориле за одложување на воведувањето на нови царини и откако го повикал Пекинг да го финализира трговскиот договор со Вашингтон.

– Мојот состанок во Аргентина (на самитот Г20) со кинескиот претседател Си беше извонреден. Многу убави работи ќе се случат, напиша Трамп на својот налог на Твитер.

Претходно Трамп рече дека Кина прифатила да ги „намали и укине“ сегашните царини од 40 отсто на автомобилите кои во Кина се увезуваат од САД.

Трамп и кинескиот претседател во саботата во Буенос Аирес се договорија да ја прекинат трговската војна во наредните три месеци, а тоа ќе ги намали повеќемесечните тензии во односите меѓу двете земји.