Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Американците да носат заштитни маски, доколку не можат да го задржат оддалеченост од други луѓе, и оцени дека ситуацијата во врска со коронавирусот веројатно ќе се влоши, а потоа ќе се подобри.

– За жал, пандемијата веројатно ќе се влоши пред да биде подобро, рече Трамп на првиот брифинг посветен на пандемијата на вирусот по неколку месеци.

Трамп исто така ги повика младите во САД да ги избегнуваат баровите каде што се наоѓаат голем број луѓе и да се однесуваат „паметно“.

– Ги повикуваме сите да носат маска кога не можат да ја задржат оддалеченоста. Без разлика дали сакате да носите маски или не, тие имаат влијание, тие имаат ефект, рече Трамп.

Американскиот претседател на тој начин ја промени реториката во врска со носењето маски. Трамп претходно рече дека носењето маска е личен избор на поединецот.

Во изминатите 24 часа во САД беа регострирани нови рекордни 68.524 случаи на заразени. Во тој период има 961 смртен случај и тоа е осми ден по ред на толку голем раст на заразени. Вкупно во САД има речиси четири милиони заразени.