Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите за мир меѓу Украина и Русија се во напредна фаза, по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин и средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Флорида, пренесува Еј-Би-Си Њус.
Трамп рече дека се усогласени околу „95% од клучните прашања“ и дека разговорите со европските лидери поминале позитивно. Зеленски потврди дека постои мировен план од 20 точки, со речиси целосна согласност околу безбедносните гаранции и воениот аспект, додека економскиот дел е во завршна фаза.
Најтешкото прашање, според Трамп, останува територијата, особено Донбас. Тој призна дека сè уште нема договор за територијални размени или демилитаризирана зона, но дека е постигнат одреден напредок. Зеленски нагласи дека позицијата на Украина за територијалниот интегритет е јасна и дека постојат сериозни разлики со руската страна.
Во однос на можен прекин на огнот, Трамп изјави дека тоа е една од спорните точки во преговорите, бидејќи Москва стравува од привремено запирање на борбите без трајно решение. И двајцата лидери најавија продолжување на преговорите во наредните недели.
Трамп изрази надеж дека мировен договор може да се постигне во рок од неколку недели, но предупреди дека процесот останува сложен и неизвесен.
ФОТО: Принтскрин




